ДЕТЕ ПЕЕ АРИИ И БЛУЗ

ОУ “Гоце Делчев”

Mala ama ramna na operska peacka - Mihaela PeeskaСигурно се сеќавате на осмоодделенката Михаела Пееска од ОУ “Гоце Делчев” која на Коверфест, ем беше најмладиот учесник, ем публиката ја почести со трето место. Или можеби се сеќавате на девојчето кое пееше за симпатија во својата прва песна “Од тој ден”, како награда за второто место на “Мали таленти”, на кој избор учествува уште од 8 години.

Михаела пее од 3-4 годишна возраст додека не знаела да ги поврзува зборовите. Но, располагала со “осет” за музика. А токму второто место на ланскиот “Мали таленти” ја “засилило” да се пријави и на Коверфестот на покана од Душко Темелкоски, кој не бил изненаден од нејзиниот глас, а со нејзината појава на сцената веќе и публиката ја сака и препознава како глас. Била позитивно прифатена и од жирито на Идол, иако тогаш имала само 9 години. 

– Велат дека од мали нозе сум пеела песни од Тоше. Родителите го забележале природниот дар, па на 8 години првпат се пријавив на шоуто “Мали таленти”. Секоја година настапувам на училишните смотри. Повеќе сакам англиски песни, па најчесто ги пеам Бијонсе, Ријана, Витни Хјустон. Ми лежат и македонските ѕвезди Тоше, Елена Ристеска – вели Пееска.

Паралено учи во седма година во музичкото училиште. Специјалност и е соло пеење и опера кај наставничката Леонарда Гиноска. Веќе пее оперски арии и фрагменти.

– Гласот ми мутира, се менува, а наставничката ми помага во пеењето и во мутацијата, одбирајќи песни кои ми одговараат на гласот, со повисоки и пониски тонови. Убаво е да се пее опера, но некогаш можеш и да се измориш, оти има високи тонови – додава Михаела.

Малата надежна пејачка има мерак и за блуз или т.н. “црнечка” музика. “Распалува” на смотрите, особено е блиска со оригиналите на Бијонсе. Добива неизмерна поддршка од родителите. Пофалена е и од стручните музичари.

– Имам трема пред настап, но потоа се заборавам каде сум и се препуштам на музиката. Со пеењето тремата се намалува. Музиката ми предизвикува убави чувства. Ме опушта. За пеење најпрво е потребно 30 отсто талент, а останатото е надградба и учење. Треба да ја сакаш музиката, и да уживаш во пеењето. Нотите лесно ги препознавам. Очекувам учество на повеќе натпревари и фестивали, со што добивам поголеми шанси за напредок. Сега се подготвувам за регионален натпревар по опера – вели Пееска.

Додава дека секогаш денот í минува со песна, се буди и заспива пеејќи, а му потпевнува и на соучениците на одморите на училиште. Иако гласот í мутирал и треба повеќе да одмара и да не се напрега, се надева дека и понатаму ќе ја негува способност за пеење високи тонови. Планира средното образование да го продолжи во музичко, па дури и да студира на факултет по соло пеење. 

Loading