СИТЕ СМЕ ЕДНО

СОУ “Орде Чопела”

Pretstava za megjuetnicka integracija“Сите сме едно” е името на претставата што ја подготвија триесетина ученици од мешани етнички групи од СОУ “Орде Чопела” во соработка со Центарот за изведувачки уметности Мултимедиа во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција.

Училиштето им подава рака во образованието на ученици од разни етнички групи. Во претставата, преку глума, игра и песна ученици, Македонци, Роми, Турци, Албанци, Бошњаци станаа едно. Користејќи ги креативноста и уметноста како “универзален јазик” глумеа моменти од секојдневниот живот во кои доминираат стереотипите и предрасудите кон различните етникуми. Преку заедничката дружба, од сцената упатија силна порака како да се препознаат стереотипите и говорот на омразата и да се избегне нивното користење. Голем дел од текстот за претставата е авторство на учениците, исто како и идеите кои актерите од партнер организацијата само ги канализираа и финализираа.

Презентацијата кулминираше со пеењето на две ученички на песната “Тајно моја” од Тоше Проески по повод 16 октомври, денот на неговото загинување. А мешани двојки од различни ентикуми танцуваа на мелодијата. Со проектот, учениците научија повеќе да се почитуваат еден со друг без разлика на етничката припадност.

– Наученото на креативните работилници во вид на претстава го спроведовме заедно во една меѓуетничка интеграција, со цел да ја подигнеме свеста на луѓето да не ги отфрламе децата од друга националност и религија. Вложивме голем труд и напор, не се делевме, соработувавме максимално, се дружевме и се забавувавме – рече Сара Стеваноска, ученичка во СОУ “Орде Чопела”.

– Соработката со различни етнички групи е ново искуство кое не би го доживеале, ако не беше овој проект за меѓуетничка интеграција. Комуникацијата беше успешна, а производ е нашата презентација. На работилниците осознавме корисни пораки, потребни во животот. Научивме интересни факти за секоја националност, што секој треба да ја знае и почитува, за да нема немири, поделби помеѓу различни етникуми. Исчезна поделбата, излегуваме заедно, разговараме, се дружиме, сите сме едно – вели ученичката  Емилија Чавлеска.   

Со учениците работеа двајца професори, Анита Бунеска и Игор Галоски, кои претходно поминаа обука за тренери за креативни работилници.

Loading