ВАРЕНИ, СМИЛ КОЧАНИ НА ТЕЗГА

Летен тренд и здравје на трпезата

Merak za kocani - Mende NikoloskiАко некогаш пченката била главна житна култура од која се добивало царевно брашно, и земјоделски производ кој претежно се одгледувал за хранење на добитокот, денес ова жито кое води потекло од “ветената земја” е сé поприсутно на пазарот, но и на трпезата. Поради корисните состојки е една од намирниците кои се составен дел на здравиот режим на исхрана. Достапна е во замрзната и конзервирана форма, но прилепчани, за разлика од другите градови во земјава, ја имаат таа привилегија на пазар да купат и варена пченка, покрај изобилието и купиштата квалитетни свежи плодови. Наспроти хибридната или таканаречената сточна царевка, на пазарот се нудат кочани со жолто зрно, небаре бисер наредени од сортата “шеќерец”. Менде Николоски е еден од најстарите производители, а кој продава и варени класје. Кога времињата се менувале, а неговата сопруга останала без работа, сфатил дека нешто мора да се работи. За него сонце повторно огреало кога го открил интересот на муштериите за жолтото зрно. Почнал да одгледува пченка и еве, едно 20-30 години посветено го работи “златниот занает”. Со 4-5 декари посеви со пченка во еколошка чиста средина, а и со новиот систем за наводнување капка по капка со чиста вода од бунар, му се најдува на народот, а тој успева да преживее со семејството.

– Пченката е супер слатка, шеќерец – холандско семе. Пофалба и до Владата, обезбеди субвенции, а субвенционира и систем за наводнување капка по капка, задоволен сум – ја почна животната приказна Николоски.

Последниве 15 – тина години со казаните истопорени пред тезгата им нуди и тазе варени кочани. Со сјај во очите уште рано од сабајле го чекаат муштериите да си купат варен кочан, па и повеќепати навратуваат да стаса следната рунда, оти не им се дочекува. Се трошат ко алва. И нема стари -млади, сите земаат. И децата се “прелажуваат” во вкусот на златното зрно. И дуќанџиите од чаршијата имаат мерак да поткаснат пресно варен кочан од казаните на Николоски. А и обичните луѓе. И по рестораните за во кујните си прибираат од него, па го комбинираат во порциите. Битно одлично изгледа на трпезата, а уште повеќе вкусно.

– Бараа муштерииве, дуќанџиве и варени кочани. И тоа им го овозможуваме. Народот се научи, Дури да варат, разликата е 5 денари. Имаме услови, тука со плинот, земаат и за дома, оти не им се исплаќа да вараат, дома ќе потрошат струја повеќе. Имаме нарачки и по ресторани за во кујните, ја спремаат со гарнири, со ориз, со грашок, со пиперки и морков, може и варена. А и за замрзнување е специјална, се замрзнува со сé лисје. Се вари замрзната во врела вриена вода. За 10-15 мин е готова. Работиме колку да преживееме. На народот му правиме услуга – вели Николоски.

Зависно од временските услови “трката по златно зрно” почнува во април, со првите сеидби на пченка. А првите кочани се вкусуваат во јули.

– Сеењето се тера во етапи. Првата сеидба е во април, ама зависи од времето. Па, во јули и така натаму. Како што сееме, така пченката ја береме, па друга етапа стасува. На секои десетина до петнаесет дена, етапа по етапа вадиме, прва, втора, трета, па ако даде Господ и до шеста стигнуваме да обереме – објаснува Николоски.

Корисна е за здравјето. Лете и најмладите и најстарите посегаат по кочаните како по десерт. Уживаат во слаткиот вкус било да се варени или печени, и како ужинка и како додаток во многу јадења. Некои дури и ги замрзнуваат да им се најде и во кочан студеното време.

– Единствени сме производители на оваа сорта, која е супер слатка, многу блага и доста конзумирана. Како што велат во фудбалот, “тимот што победува, не се менува”, со години ја произведуваме истата сорта. Луѓето се  научени, нé познаваат и дотрчуваат кога ќе нé видат на пазар. Во пазарен ден, уште рано, рано се поставуваме, ги сортираме кочаните. Квалитетното го продаваме 15 денари парче, пет банки на кило. Има и по 10 денари, помали. Варените се по 20, а претходно беа по 25. И во септември ќе има – вели Николоски.

“Искусните” познавачи на благодетите на пченката со душа ги чекаат  среда и сабота. Наминуваат на пазар кај мајсторот што продава, небаре “кова” златно зрно и на многумина им ги задоволува вкусовите.

ЗОШТО ДА ЈАДЕМЕ ПЧЕНКА

Пченката има голема енергетска вредност (голема количина на скроб – 73%), дава енергија и обезбедува ситост подолго време. Обилува со јагленихидрати, а сиромашна е со масти. Не дебелее. Богата е и со протеини, витамините Е и Б, провитаминот А, растителни влакна, минералите фосфор, калиум и магнезиум, како и шеќери (глукоза, сахароза и фруктоза). Пченката и печивата од пченично брашно содржат калиум (една чаша пченка содржи 476 мг калиум) и антикоксиданти (витамин С и Е, каретоноиди) и затоа поволно влијаат на здравјето кога се во прашање Алцхајмеровата болест, анемија, бронхитис, депресија, дијабетес, јакнење на нервниот систем, нарушување на метаболизмот, неплодност, остеопороза, болести на крвните садови, реума, намалување на апетитот, болести на срцето, проблеми со бешиката, холестерол и бубрези. Помага за детоксикација и излачување на течности, па се препорачува за лекување на болестите на мочните патишта, едема, реума, срцеви заболувања и висок крвен притисок. Добра е за здравјето на очите.  Содржи каретоноиди: лутеин и закестанин. Една чаша пченка содржи 12 грама растителни влакна, особено корисни за лица кои имаат запек, а и за отстранување на штетните материи од организмот. Експертите советуваат да се консумира и за превенција од некои видови карцином, заради високата содржина на растителни влакна и антиоксидативните својства (ова особено важи за варената пченка). За лековити цели, покрај зрната, се користи и пченкарната свила. Доминантна е во мексиканската, шпанската и американската кујна. Домашното јадење од пченкарно брашно е познато како палента или качамаk.

Loading