НЕГОВОТО ВЕЛИЧЕСТВО УРЕДНИКОТ

ivce1Дневен весник. Мошне читан. Во секој број од весникот по неколку колумни. Прелистувајќи го весникот ни падна в очи насловот на една од тие колумни. Со крупни букви – “НЕ СЕ КЛАДЕТЕ НА ПОЛИТИЧАРИ”. Таман некако се подзаборави тој збор опклада, еве, се појави пак на видно место, со крупни букви. Кладилниците, барем во Прилеп, си го добија вистинското име – ОБЛОЖУВАЛНИЦИ. А и од медиумите редовно слушаме и читаме – обложувалници, обложување, облог итн. Зошто споменатиов колумнист повторно фрлил мерак на КЛАДИЛНИЦИ, ОПКЛАДА, па дури и КЛАДБА? Не можеме да го разбереме тоа. Помисливме дека е добро ако се јавиме во редакцијата и да прашаме некоја од лекторките, зошто е направена оваа грешка. И така направивме.

– Ало, редакцијата на “Дневник”? Некоја од лекторките ве молам.

– Повелете! Што ве интересира, – се јавува љубезен женски глас. – Јас сум една од лекторките.

– Сакаме да направиме забелешка за една, веруваме случајна, грешка. Не интересира зошто се употребува именката ОПКЛАДА, глаголот СЕ КЛАДАТ, па дури и некоја новообразувана именка КЛАДБА? Зар не мислите дека на македонски тие треба да гласат ОБЛОЖУВАЛНИЦА, ОБЛОЖУВАЊЕ, ОБЛОГ?

– Веднаш да ве прекинам, – вели лекторката. – Сосема точно е дека треба ОБЛОЖУВАЊЕ и ОБЛОЖУВАЛНИЦА. Но, знаете, ова не е стандарден текст. Ова е авторски текст и авторот инсистира да се печати така како што е напишано. Тој така сака.

– Госпоѓо, може да се јави некој автор кој би посакал да се пишува на многу погрешен начин. Ама, правилата и законитостите јазични треба да се почитуваат. Тоа важи за секаков вид на текст и за секаков автор.

– Сосема ве разбирам и се согласувам. Но, човекот е уредник, автор е на колумната и сака да биде напечатено така како што е напишано.

– Госпоѓо, дали можам да се јавам на некое повисоко место и да интервенирам за евидентните грешки?

– Да, можете. Ете, јавете му се нему. Тој е ЗАМЕНИК ГЛАВЕН УРЕДНИК. Тој е автор на колумната.

– Ништо, госпоѓо лектор. Не упатувате на место од каде знаеме дека ќе добиеме негативен одговор. Штом тој не го почитува вашето мислење како на официјален лектор во својата редакција, мали се шансите да го почитува мислењето на некој си, таму читател.

И сега се прашуваме, зошто постојат лекторите. Во споменатиот весник има три лекторки. Но, ете, Заменикот главен и одговорен уредник од позиција на својата функција го наметнува своето мислење.

Откако го завршивме разговорот со лекторката го погледнавме оној дел од весникот каде што се напишани уредниците и другите служби. И таму доста грешки. Пишува “Главен и одговорен уредник”, а под него “Заменик на главниот и одговорен уредник”, потоа “Помошник на главниот и одговорен уредник” и така натаму. Вакви грешки среќаваме на повеќе места. ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК е звање. Но, истото се однесува и на ЗАМЕНИК ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК, како и на ПОМОШНИК ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК. Тука предлогот НА не е потребен. Значи не ЗАМЕНИК НА ГЛАВНИОТ И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК, туку ЗАМЕНИК ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК, исто како и ЗАМЕНИК МИНИСТЕР, а не ЗАМЕНИК НА МИНИСТЕРОТ, ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ а не ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ. Ако треба во некоја ситуација да се употреби член, тогаш се членува именката што определува – ЗАМЕНИКОТ МИНИСТЕР, а не ЗАМЕНИК НА МИНИСТЕРОТ. Ако ги забележевме побрзо овие недоследности ќе ја прашавме лекторката зошто е тоа така. Ова се навидум ситници, но не е така. Навредливо е, на пример, на некој ЗАМЕНИК МИНИСТЕР да му речеме дека е ЗАМЕНИК НА МИНИСТЕРОТ.

Да се вратиме на крајот од разговорот со лекторката. Откако ја прифати забелешката и откако кажа дека не е во состојба нешто да измени, го заврши разговорот со една многу испрекината реченица:

– Не знам…, навистина…, не знам друго што да ви кажам…

– Ви благодариме госпоѓо. Вие всушност кажавте се што требаше. Благодариме.

Благоја Ивчески

Loading