ПРЕГРАТКА СО ВИОЛОНЧЕЛОТО

Андријана Дукоска – музичар

Sonuva simfoniski orkestar - Andrijana DukoskaАндријана Дукоска е млада виолончелистка која последниов период е член на дуото “Нуово”. Таа настапува на бројни музички манифестации и на културните лета. На Прилепското културно лето, заедно со колешката, пијанистката Марија Ш. Буџаковска, имаше вонреден концерт, кој ќе остане долго во сеќавањето. Тоа беше поводот за разговор со Дукоска.

Што е музичар?

Изразената емоционална длабочина која извира од под градната коска, од душата на изведувачот, претопена во музика која допира до слушателот и има ефект врз него. Тоа е музичар – уметник. Безрезервното давање сé од себе, а за возврат добиената енергија од публиката, е дефиницијата за тоа што значи да се биде музичар. Тоа не може да го даде ниедна техника. Нема такви часови по вежбање, тоа е  чувство што не се опишува. Тоа е привилегија дадена од Бога.

Зошто го избравте виолончелото со оглед на тоа што најчесто се вели дека е “машки инструмент”?

Не се согласувам дека виолончелото се нарекува “машки инструмент”, бидејќи инструментите не се класифицираат по род. Во музичката историја постојат врвни имиња на жени – виолончелистки од кои и ден – денес учиме. Таков пример е Жаклин Ду Пре. Мојата љубов кон виолончелото е голем доказ за тоа. Го избрав, бидејќи најпрво ме привлече бојата на тонот што се поистоветува со бојата на човечкиот глас, а потоа и заради изгледот. Корпусот на виолончелото ме освои, затоа што додека свирам имам чувство дека взаемно се прегрнуваме. Со многубројните часови минати во вежбање, приврзаноста растеше, а тоа ми беше мотив да успевам понатаму и да се надоградувам.

Што Ве фасцинира кај виолончелото и што најмногу сакате да свирите?

Ме фасцинира моментот на реципроцитет, на взаемност. Кога давам сé од себе –  виолончелото никогаш не ме изневерува. Кога едно дело ќе прозвучи токму така како што сакам, кога мислата се преточува во музика, тогаш сум комплетно задоволна. Да бидам искрена, повеќе сакам да свирам нежни, бавни мелодии. Тогаш навистина ги свирам од душа, затоа што сум романтична. Но, искуството покажало дека публиката преферира потемпераментни дела, па и тие ми се предизвик, затоа што убаво звучат отсвирени на виолончело. Би ги издвоила делата на Шуман, Бетовен, Брамс, Камиј Сен-Санс и тн. Но, исто така да свирам преработки од популарни композиции.

За уметничкиот предизвик?

Секој човек во животот си поставува цели и се стреми да ги достигне. Најголем уметнички предизвик според мене е да го пренесам своето знаење и владеење на виолончелото на идните генерации, да оставам зад себе нешто вредно и достојно за почит. Бидејќи уште не сум вработена, иако сум дипломирана пред веќе четири години на ФМУ во Скопје со највисока оценка, а во мојот роден град Прилеп сум единствена виолончелистка, би сакала, мојата дејност да ја продолжам како професор по виолончело.

Кој е Вашиот сон, каде би сакале еден ден да свирите?

Во моментов сум активен член во дуото пијано – виолончело, “Дуо Нуово”, кое го формиравме на заедничка иницијатива со колешката пијанистка од Битола, Марија. Тоа ме исполнува во целост, затоа што нашиот вкус, сензибилитет за музика е ист. Желба ми е и ќе се трудам да ја реализирам, да ја почувствувам и меѓународната сцена. Предизвик ни е да настапиме надвор од Македонија. Имаме идеја, елан, ентузијасти сме и успехот е во наши раце! Би сакала да свирам и во некој симфониски оркестар.

Loading