ТОПЛА ВОДА ПОД МИРИЗБАТА ВО КОСЕЛ

Никој точно не може да каже од кога постои единствениот жив вулкан на Балканот. Од преданија се пренесува дека многу луѓе спасот од разни болести го барале во сулфурот и топлата вода што излегува од него. На неколку стотини метри од кратерот  кај селото Косел живеат стогодишници, но електричните апарати во нивните домови пропаѓаат за една до две години, кажуваат старите коселчани.

Вулканот, како што некои го викаат сулфатара, е на половина километар над селото Косел кое, пак, од Охрид е оддалечено неколку километри. Просторот има неколку кратери од кои избива гас со карактеристичен мирис на расипано јајце. Се чувствува кога се поминува по патот Охрид – Ресен – Битола. Особено кога се очекува промената на времето. Околината е со купишта земја помешана со сулфур. Нема дрвја и животни во близината.

Ако добро се наслушне, од внатрешноста на земјата доаѓа силна бучава. Кога се гази околу кратерот, се чини дека под тлото е шупливо. Мештаните предупредуваат да не се стои подолго од 15 минути, бидејќи постои опасност од онесвестување. Тие повторуваат и ги менуваа местата, бидејќи мирисот на расипано јајце не се чувствува по неколку минути. Тоа е опасно за неупатените, оти организмот не се брани, во него веќе влегол јаглероден диоксид, а до неговото колабирање останува уште малку.

Испитувања се вршени повеќепати. Констатирано е дека сулфатарата “Дувало” е единствена вулканска појава на Балканот. Експертите сметаат дека сулфатарата е многу стара. Се развивала во десаретскиот езерски период, кој се развивал под влијание на Јадранското Море. Испитувањата покажуваат дека во избиениот гас има јаглероден диоксид над 98 отсто, додека сулфур во сулфатарата има над 33 отсто.

Коселчани бараат утврдување на потеклото, составот на гасот и лековитите својства. Се пренесува дека пред војната се организирал панаѓур кај вулканот од почетокот на мај. Доаѓале луѓе од цела Македонија, спиеле, живееле, се веселеле со музика, но и се лекувале. Најчесто се барал спас од кожни болести. Сулфурот го мешале со глина и го мачкале по болните делови од телото. Во потрага по лек од кожни болести и сега доаѓаат масовно жителите од муслиманските села од струшко од мај до јуни. Тие турале вода во кратерите, која брзо се претворала во  пареа над која стоеле кусо време, оти тоа им помагало.

Селаните паметат дека се дупчело околу кратерите, а цевките бргу ‘рѓосувале. Луѓето ослепеле и затоа испитувањата прекинале. Паника ги фатила коселчани во 1925 година. Некој соселанец сонил оти вулканот ќе експлодира, ќе дојде до ерупција. Дознале сите, а некои браќа од селото Речица ја повикале сестра си, која била мажеан во Косел, да се врати да не умре. Повеќето жители се повлекле во плевните подалеку да спасат жива глава. За среќа, ерупција немало и луѓето се вратиле дома. Жителите пренесуваат дека трговци го носеле сулфурот во Солун каде што за грне млеко, добивале грне барут.

За коселскиот вулкан се поврзани други неверојатни појави. Според раскажувањата може да биде благотворен, но и опасен престојот околу и во близината на вулканот. На оддалеченост од неколку стотини метри има повеќе луѓе кои живеат и до 100 години. Но, секоја втора година мораат да купуваат нови електрични апарати или често да ги поправаат. Сулфурот го нагризува бакарот. Од друга страна, може да настапи смрт, ако се постои околу кратерите. Тројца умреле, оти предолго биле изложени на гасот што извира од утробата на земјата. Во близината често се најдуваат пцовисани диви животни, дури и зајаци, кои не се спасиле, иако се брзи.

Сулфурот бил браник за заштита од заразни болести, кои некогаш правеле пустош. Се сметало дека тој ги уништувал бактериите и другите преносители на тешки болести. Жителите велат дека живеат нормално, како во другите средини, само човек треба да се навикне.

Жителите трагаат да ги искористат можностите на вулканот и топлата вода што веројатно, се крие под него. При испитувањата, била откриена топла вода од 94 степени на 500 метри. При дупчењето се формирале топли гејзери, високи до 50 метри и се велело дека Охрид лежи на топло море. Геолози откриле топла вода од околу 30  степени на 80 метри.

Локалните власти прават обиди за истражувања со контакти со Универзитет од Германија. Биле експерти. Престојувале луѓе од некои фирми од Исланд. Се проценува дека ќе може да се греат становите во Охрид, потоа пластеници и други земјоделски површини со топлата вода од сулфатарата.           

По неколкучасовен престој во Косел, не се чувствува непријатната миризба. 

Loading