ИТАР ПЕЈО МУ ВАДИ ЗАБ НА СЕЛАНЕЦ

Еден од пејовите селани го заболел заб. Кај ќе оди да го вади, ако не кај Пеја. Отишол и го прашал:

– Знаеш ли, Пејо, да вадиш заб?

– Знам, како да не знам – одговори Пејо.

– Од тоа полесно што има? Само ти седни на столчево и биди мирен – му го подаде смрековото столче со три нозе на кое беше провртена на средината дупка да си ги закачуваат жените вртешките кога вијат основа или јаток.

Седна селанецот, а Пејо се засука. Наостри еден кол и го заколка во земјата пред селанецот. Потоа осука еден дебел конец и го врза едниот крај за колот, а другиот за забот од селанецот. Се заврте зад него и си зеде една игла бабушка, та полека, полека го боцна од дупката од столот, а забот остана на конецот.

Фаќајќи се селанецот за боцнатото место почна да вика:

– Тиии! Колкав корен имал овој заб, дури долу ме заболе – и си отиде задоволен од пејовиот марифет, уверен дека коренот од забот бил долг дури до дебелото месо и дека болките од иглата се болки од извадениот заб.

Loading