БАБА ЧИТА ВЕСНИК

Убаво е понекогаш да се спори со некого за некој проблем. Па дури и на јазични теми. Но, спорот треба да биде аргументиран, а не онака, “напамет”.

Ми објаснува еден пријател дека бил во друштво со некои наши познати лингвисти. Им направил забелешка дека го употребувале зборот ДРАГ (драга, драги). Според него, тој збор е српски, а дека на македонски требало да се вели – МИЛ (мила, мили). Има ли право пријателот? Нема! Своевремено, кога рускиот јазик беше застапен во училиштата, не еднаш ги читавме насловите – ДАРАГАЈА МАМА (Драга мама), ДАРАГИЈЕ ДРУЗЈА (Драги другари). Значи, тој збор го има и во рускиот јазик.

Во 19 век живее бугарскиот славист Петар Драганов. Тој смета дека македонскиот јазик се разликува од бугарскиот. Ете, и неговото презиме е ДРАГАНОВ. Значи, неговиот дедо се викал Драган, име изведено од придавката ДРАГ. Значи, тој збор го има и во бугарскиот јазик. Ќе приведеме еден настан што сме го прочитале за контроверзниот Ванчо (Иван) Михајлов и неговата жена Мелпомена (Менча) Карничиу од Крушово. Се шетале тие по родопските села во јужна Бугарија. Се сретнале со некои работници на некоја полска работа. Една жена им објаснила дека девојката која е до неа í е ќерка и дека е свршена за едно момче, кое, исто така, било тука. Рекла: “ПОДРАЖИЛА му се на нивата” и сега се свршеници. “ПОДРАЖИЛА му се”, значи му станала ДРАГА. Уште еден доказ дека зборот ДРАГ (драга, драги) не е само српски. Во Старословенско – македонскиот речник на страница 104, исто така, е одбележан овој збор – ДРАГ. Регистрирани се и сопствените именки – ДРАГОСЛАВ и ДРАГОТА. Ете, таму треба да се бараат корените на придавката ДРАГ. Сево ова го пишуваме, зашто сме слушале и од други луѓе дека придавката ДРАГ (драга) е српска. Но, не е така. Го има тој збор во сите словенски јазици. Тоа не значи дека зборот МИЛ (мила, мили) треба да се исфрли. Не, и неговите корени се старословенски.

Споменатиот пријател прави забелешка и за, според него, погрешната употреба на именката ВЕСНИК. Тој смета дека требало да гласи – ВЕСТНИК, бидејќи произлегува од именката ВЕСТ. Точно е дека постојат именки изведени од именки – КАЛ – КАЛНИК, РЕЧ – РЕЧНИК, па и ВЕСТ – ВЕСНИК (не весТник). Пријателот тврди дека треба ВЕСТНИК. Уште баба му (Бог да ја прости) го викала така. Нема право, ни тој, ни баба му. Постои правило кое гласи – “Испуштање на согласки”. Таму вели дека Т се испушта во групите СТЈ: БРЕСТ – БРЕСЈЕ (не бресТје), ЛИСТ – ЛИСЈЕ (не лисТје). Исто така, Т се испушта и во групата СТН: ВЕСТ – ВЕСНИК (не весТник), ЖАЛОСТ – ЖАЛОСНА (не жалосТна). Сето тоа се прави за поудобен изговор. Ќе го земеме, на пример, зборот ЛИСНИК. Помладиве не знаат што значи тој збор. Некогаш, во планинските села, се одгледуваа кози. За храна преку зимата се правеа ЛИСНИЦИ. Се сечеа гранки, обично од дабова шума и се редеа во форма на копи. Така ќе се исушеа лисјето, но остануваа зелени. Козите слатко ги јадеа. Дрвенестиот дел што ќе останеше (ветките) се употребуваа за горење. Многу често за загревање на фурните при печење леб. Значи, рековме, таа така направена копа се викаше ЛИСНИК, бидејќи главното нешто беше ЛИСТОТ. Таа именка – ЛИСНИК, изведена е од именката ЛИСТ. И тука дојдува правилото за испуштање на Т во групата СТН. Едноставно, за полесно изговарање не се вели (и не се пишува) ЛИСТНИК, туку ЛИСНИК. Случајов е сосема идентичен со именката ВЕСНИК (не весТник). Секој јазик си има определени правила, па и македонскиот.

Баба му на пријателот, според некоја нејзина логика си викала ВЕСТНИК. Ние лично, не сме имале баба, но сите баби и сите дедовци кои ги знаевме велеа ЛИСНИК а не ЛИСТНИК.

Од бабите и од дедовците треба да учиме, треба да црпиме богата лексика. Сепак, треба да ја вклучиме и јазичната рафинерија. Сиот тој лексички материјал треба да помине низ неа за да добиеме чист, рафиниран производ. Не треба да одиме така “ѓутуре” и прекутрупа како бабите. Треба да подотвориме понекогаш некој лист и од Граматиката и од Правописот и од некои други помагала.

Благоја Ивчески

Loading