Благоја Димески – Седам во Точила на петти спрат. Слабо е снабдувањето на вода. Според ситуацијава, благодарен сум и на таа вода која се цеди од славините. За основните човекови потреби има, ама притисокот е многу слаб. Задоволен сум и со овие количества.
Благоја Сливоски – Живеам во центаров и нон-стоп има вода. За на другите места не знам, само слушам дека немало. Немам почуствувано недостиг, ниту намалување на притисокот.
Бобан Николоски – Нема никакви проблеми, ниту со недостиг, ниту со помал притисок. Треба солидарност и хуманост да се прикаже за граѓаните кои се на повисоките места, за и тие да добиваат вода.
Богдан Бошкоски – Лоша е состојбата со водоснабдувањето на улицата “Борис Кидрич”. Последиците допрва ќе ги видиме, бидејќи без основни средства за одржување на лична хигиена, можна е појава на болести.
Цветан Трајкоски – Живеам кај фабриката “11-ти Октомври” и има вода секогаш, со добар притисок, а за другите не знам.
Гоце Стефаноски – Живеам на четврт кат кај зоолошката. Овие два дена има вода, а претходно немаше цела недела. Притисокот е многу слаб. Засега има вода, а до некни слегувавме во приземје и таму со туби полневме за основните хигиенски потреби. Банално е да се зборува за водоснабдување во 21 век, небаре сме во некоја африканска земја.
Илија Павлоски – Вообичаено за Прилеп. Навикнавме на оваа состојба. Порано беше преку лето, а сега во зима нема вода. Се надевам дека преку снабдувањето со бунарите ќе се стабилизира состојбата. Живеам во населбата “Димо Наредникот” Има вода дури и на повисоките катови, ама не е доволно и притисокот не е задоволителен.
Методија Ташкоски – Немаше вода на Рид. Моментно има, а попладне снемува од 14 до кај 19 часот. Притисокот е многу слаб. Мислам дека виновни се временските услови, капацитетот на Студенчица бил намален, како што слушам. Со снегот и дождот може да се подобри состојбата. Мислам дека бунарите ја “бркаат” работата.
Петре Близнакоски – На повисоките места е критично. Испукаа цевките. Сé замрзна, се носеше вода од пониските предели. Живеам на “Војводинска” во Точила. Во понискиот дел има вода, ама треба да бидиме солидарни, со тие што седат на повисоките места. Тешко е, идат луѓе да наполнат вода за основните хигиенски потреби.
Симе Србиноски – Катастрофални се последиците од немање вода зимно време. Катастрофални грешки има во комуналните претпријатија. Жално е во ова време да не можи да се одржи лични хигиена и да се нема вода ни за пиење, ни за капење, при толку снег. Живеам во Крушево, ама повеќе време поминувам во Прилеп. Крушево има цело време вода, иако температурата е далеку пониска од Прилеп. Проблемот треба да се најде кај тој што е одговорен за преносот на вода од изворот Студенчица.
Ване Димески – Тешко е со состојбите со водоснабдувањето во населбата Марино маало. Нема вода 15 дена И со рестрикцииве не можиме да се снајдеме, оти нема точно време кога доаѓа водата. Кога ќе дојди, полниме во туби и ја користиме за остатокот на денот. Рестрикциите се прават со саатница за да знаеме на што сме.