ВАСИЛИЧАРСКИ МАЗНИК И СОЛЕНО МЕСО

Потомците на архиепископот Ангелариј не се делат од традицијата

Садевме тутун, бидејќи татко ми Цветко работеше и добиваше во натура – вели синот Драгослав Крстески

Во духот на традицијата и навиките кои се негувале со децении во семејството кое влече попски корени над пет века, на василичарската трпеза кај Драгослав Крстески (78), кој е син на архиепископот Ангелариј, ќе се најде мазник со паричка, колбаси и солено месо. Онака како што и од дете гледал и се насладувал на празничното славје кое со посебно задоволство се негувала во домот, отакако ќе завршеле коледарските огнови и божикниот празник. На Василица, на првиот ден од Новата година според Јулијанскиот календар, мазникот со паричка и соленото месо, кое сега го набавува од трговската мрежа, ќе го потсетат Драгослав, на дните кога како дете вртел околу мајка му, чекајќи го татко му Цветко да дојде и даде благослов за лебот. Воспитан и навикнат на мир, хармонија и почитување на верските традиционални обичаи, Драгослав ќе ги собере синот Мирко со подмладокот Максимилијан и ќерката Тања со внуката Сара да ја побараат паричката во мазникот, која цела година ќе им носи среќа ним и на сите во домот. Како син на г.г. Ангелариј, кој беше втор поглавар на МПЦ од 1981 до 1986 година, а и дедо му Костадин бил свештеник, Драгослав се потсетува на празникот Василица, некогаш и сега. Татко ми беше главен и го определуваше мазникот на четири дела, за куќата и за Господ, трипати се вртеше и прво за Господ, па татко ми земаше и ние децата. Најк’сметлија беше сестра ми. За Стара Нова година беше посвечено, имаше свиња, оти раневме. Пред Божик се колеше, а после се јадеше. Ги постевме сите пости, ама не строго. Се причестуваме секој пост по еднаш, а сега можи секогаш да се причестува. Некогаш се омрсувавме… Татко ми не јадеше ниту масло, како монашки чин – раскажува Драгослав, синот на архиепископот Ангелариј. Драгослав е роден во селото Гари, дебарско каде служел неговиот татко Цветко по завршувањето на богословското училиште и бил поставен за парох. Тамошниот владика, му рекол на татку му да избира. Првите денови бил во Свети Јован, па во Свети Наум, и завршил три години служба во селото Гари. Татко ми помагаше за време на окупацијата и собираше пари и ги праќаше на партизаните. После ослободувањето му го признаа како боречки стаж. Во 1945-та татко ми, оти беше учен, беше заменик на претседателството на Прилеп, а после во Битола. Му дадоа услов, да се откаже од свештенството да му дадат поголема функција во Скопје. Одби и продолжи со свештенството. Моравме да садиме тутун за да преживееме, оти ги изгуби сите државни функции. Работеше по селата, сиромашните верници, наместо пари, му плаќаа во натура, му даваа месо, кокошки…. – се сеќава Драгослав. Архиепископот Ангелариј бил исполнет со љубов кон татковината и македонското свештенство. Му служел на народот и ги вопитувал и децата на скромност.  Фамилијарниот амбиент беше построг, особено во трошењето, не дозволуваше да се пие. Желба ми е да биде како порано, да се продолжи традицијата и да има богата трпеза. Здравје и сé најдобро посакувам за сите. И некој денар повеќе. Кон внучето Максимилијан, се вперени сите очи во семејството. Внуката Сара не пости, оти и во богословија не учеа да се јадат риби, оти даваат сила за учење – вели Драгослав. На дедото г.г. Ангелариј се сеќава и ќерката на Драгослав, Тања. Дедо ми го гледавме со стравопочит. Строго беше и пред јадење нужна беше молитвата. За празниците немаше шетање. Се знаеше кој е прв со зборот. Се одеше редовно црква. Со душа чекавме да дојди слава. А особено доживување беше за славата кај дедо ми, ама се криевме од атеистите. Секогаш имаше гости и пријатели – се сеќава Тања. Под еден покрив за радост и среќа ќе се соберат потомците на Архиепископот Ангелариј за чест и почест на верата и традицијата.

Loading