СОПРУГАТА ИМА ПРЕДНОСТ!

Почитувана редакцијо,

Деновиве опозициската СДСМ лиферува информација за наводниот непотизам во образованието, практикуван од владеачката партија. Еклатантен пример за тоа што е непотизам или по нашки: “Што ми е мило, да ми е живо”, спроведуваат токму челниците на оваа политичка партија, која знае само да критикува, а бетар прави во пракса и тоа за банални позиции во еснафски организации.

Како што мудро народот рекол, “Гледајте што зборувам, не гледајте што правам”, еве за што станува збор.

Состанокот на здружението на лекари за Прилеп, во отсуство на претседателот Владо Ѓеоргиевски, го водеше ортопедот Илија Јованоски, кој патем е и челник на СДСМ. На поканата за присуство, изборот на новиот управен одбор беше под реден број 2, после предавањето на др. Лазаревиќ.

По завршеното предавање, Јованоски предложи да не се гласа за претседател, туку да се предложи да се избере петчлен управен одбор, кој меѓусебе ќе го изберат претседателот. Беа дозволени само пет предлози, колку што и е бројот на членови на управниот одбор. Право на збор за предлог на членови даваше Јованоски и со тоа може да се рече дека директно контролираше кој ќе биде предложен во одборот. После предлагањето на петтиот член, констатираше дека е завршено предлагањето. Куриозитет е дека за член е предложена и жената на водителот на сето ова, др. Јованоска од трансфузија, која за волја на вистината се води дека е вработена во Заводот за трансфузија во Скопје, а се предлага во УО во Прилеп. За смешната “местенка” не беа поканети сите лекари, а и немаше кворум. Затоа е доведен во прашање легитимитетот на избраните, а со тоа и на претседателот што ќе се избере.

Вакви предлози без гласање или предлагање за гласање на пет од пет со контрола на предлагањето, тешко дека стои во статутот на здружението на лекари, туку го имало само во менталните склопови на Енвер Хоџа или Цобе Милошевиќ.

Затоа се прашувам до каде би ја довеле државата овие луѓе да им се даде власт, кога во првата прилика при избор, ја предлагаат својата сопруга за минорна позиција!?

Поздрав и со почит,

Загрижен лекар (името и е познато на редакцијата)