Стопанска банка готви 60 илјади сарми

За Свети Никола

Овогодишниот домаќин на традицоналната прослава на големата трепеза на плоштадот на празникот Свети Никола, Стопанската банка од Скопје, веќе на големо се подготвува да ги нагости граѓаните. Големата порција од 60 илјади сарми колку нокт ќе се густира со забавувачите под отворено небо Миле Кузманоски и Елена Петреска. Регионалниот директор на Стопанската банка, Стевче Димески, вели дека персоналот на ресторанот Сонце засилен со членови на женските здруженија ќе го приготвуваат гоштевањето. Да се одржи адетот, ќе се сервираат 250 килограми пржени риби, над 200 килограми грав, околу 80 килограми ориз ќе биде завиткан во мали сармички со 1200 килограми расол. Сето тоа ќе се залива со сто литри ракија, два ипол тони вино и неколку стотина литри кисела вода и сокови – вели домаќинот Димески, кој најавува многу гости од земјава, кои се деловни партнери на банката. Дознаваме дека Банката ќе го предаде домаќинлакот на сопственикот на конфекцијата Комфи Ангел, Ирена Јакимоска.

Loading