Хард рок во “Рампо Левката”

Во седмо одделение во ОУ “Рампо Левката” по стилот на облекување и по фризурата, веднаш се препознава тапанарот Даниел Стеваноски. Главен фраер е во класот, оти за “занает” има тапан. Се заљубил во тарабуката на пет години. Гледал музички канали, па од рок бендовите и добил инспирација да набави професионален сет на тапани. Се препознавал во омилената група “Бад беат евил”, и неговиот идол Гаро Тавитијан. Ама Даниел не го бендисува само оваа музика. Ја почитува и народната. Купил тапан за ритам на народни песни. Ја усовршил свирката. Затоа е канет да го изведе “Тешкото” или да “писни” со гајдата, да се зачува творештвото и народните инструменти. На фестивалот “Пеце Атанасоски” е редовен учесник. Добил прва награда во Кавадарци за изведба со народни инструменти. Почнал со народна, ама изгледа ќе продолжи со забавна, затоа што очите му се свртени кон средно музичко училиште во Битола или Скопје. Па и како да не му се, кога секој ден по два ипол часа ги “гњави” домашните и соседите, вежбајќи со бучните џез тапани. Како дечко во тренд, во обид е да формира “гаражна” група. Има другари со инструменти и заедно вежбаат, ама го немаат најважното – име на бендот. За пасијата, веројатно “виновни” се гените на дедо му Даниел. Тој свирел гитара. Даниел е универзален музичар. Знае да тропа на егзотичните конги, го доловува етно звукот на тамбурата и нежниот звук на флејтата. Темпото и еланот се инспирација за останатите ученици да се зафатат со активност што им лежи на срце.

Loading