“Недопирливите” од ОУ “Блаже Конески”

Се трошат пофалните зборови за “махерите” за фудбал од ОУ “Блаже Конески”. Овојпат четвртоодделенците под надзор на училишниот “Мурињо” – наставникот Тони Николоски – освоија прво место во натпреварите, надмудрувајќи 20 екипи од училиштата. Малите “асови”, Мики, Филип, двајцата Стефановци, Кире, Марко, Мартин, Давор, Џули и Љупче без мака ги поминале сите натпревари да се качат на тронот. Се покажале вистински стрелци, тресејќи ги мрежите на противниците повеќепати. Петте меча биле како лесен тренинг. Тајната на малите Роналдовци, Роналдињовци, Клосевци и Беками, лежи во тимскиот дух и игра. Во тимот нема “јас”, нема индивидуалци. Сите се важни. Ако се поврзани одбраната, центарот и нападот, успехот е неизбежен. Тоа не им било јасно на другите основци, кои форсирале поединци. Себичноста во фудбалот е пораз – едногласни се фудбалерите. Толку биле добри, што мрежата на голманот Мартин “собирала прашина” во сите натпревари. Во финалето “паднала петарда” и со 5:0 ги совладале учениците од “Кире Гаврилоски”. Со вежбаните тактики на додавање и дриблање, ги “згазиле” противниците со ракометни разлики. Едноставно, немаат достоен противник. Несебичната поддршка од наставникот Николоски и тренинзите надвор од училиштето, ја направиле екипата “парен валјак”, на кој никој ништо не му може на фудбалскиот мегдан.

Loading