Фотографии, слики, стрипови…

Ученикот од гимназијата “Мирче Ацев”, Ѓорѓи Десподов го освои првото место во силна сликарска конкуренција на темата за знаменитостите на градот. Сликата, заедно со другите, ќе се продаде на аукција, а парите ќе бидат насочени во добротворни цели. Младиот 15 годишен сликар го воодушеви жирито на уметничкиот хепенинг, организиран за празникот Трети Ноември кај споменикот на Итар Пејо. Меѓу старите и младите, меѓу аматерите и професионалците, се издвои талентот на Десподов. Тој доби професионален прибор за сликање и штафелај. Но, и седумдневен престој во Охрид за в лето. Десподов е фасциниран од сликање, фотографија, цртање стрипови и снимање на кратки филмови. Пасијата се развивала од петгодишна возраст со цртаните филмови. Најголема желба му била да биде аниматор за Волт Дизни. Со годините пореално размислувам. Преокупација ми се фотографијата и сликањето. Цртав и карикатури, а мојот краток филм за забрана на носење оружје во училиштата беше награден од МВР и добив дигитален вокмен – вели Ѓорѓи. Не чека настаните да му “дојдат в тавче”, туку сам ги бара и медиумски е присутен. Се откривам. Во потрага сум и ме има на повеќе полиња. Барам каде можам да го дадам максимумот, но сето тоа е во врска со уметноста – заврши Десподов. Располага со куп награди, пофалници и сертификати. Најмила му е од Кикинда, а има и француска пофалница.

Loading