Женска одговорност и посветеност

Новиот претседател на општинскиот совет е професор, доктор, Гордана Мицеска од ВМРО – ДПМНЕ. Таа е прва жена во 20 годишната историја на плурализмот, која зазела челна позиција во локалната самоуправа, после кусото градоначалникување на Виолета Попоска во 1993 година. За изборот, 17 советници кренаа рака. Ја доби поддршката да го води Советот од мнозинството советници на ВМРО – ДПМНЕ на последната седница, во отсуство на советниците на СДСМ. Тие не гласаа, оти се налутија и ја напуштија седницата, поради неподготвеноста на колегите од ВМРО – ДПМНЕ да расправаат за нивната иницијатива за намалување на цената на водата за 20 отсто. Вонредниот професор по повеќе предмети за производство и обработка на тутун и на постдипломските студии на Институтот за тутун и експертот за тутунски семиња доаѓа на местото на Димитар Стевананџија, кој беше избран за пратеник. Во меѓувреме до изборот, Советот го водеше најстариот член, стоматологот во пензија, Благоја Дамески. Мицеска вели дека функцијата е одговорност. Да се биде претседател на Советот, само по себе, но и за мене е голема одговорност и посветеност. Одговорноста е во решавањето на проблемите кои се од интерес за граѓаните, бидејќи, пред сé, ние, прво сме нивни избраници, а потоа и членови на одредени политички партии – вели таа. Според неа, изборот е доказ дека ВМРО – ДПМНЕ се грижи и ги негува основните вредности. Партијата се потпира на почитување на личноста, посветеноста, одговорноста и половата еднаквост. Работата ќе се темели на почитување на мислењата на другите како интелекти, кои како потенцијал доста ги има. Но, и на обичниот граѓанин, соработката со сите политички структури во Советот и надвор од него. Целта е имплементација на развојните програми, по кои општината е препознатлива. Тоа се изградбата на системи за водоснабдување, изградба и реконструкција на локалните патишта, решавањето на проблемите од областа на културата, образованието, инфраструктурата, чиј благодет сите го чувствуваме и ќе го чувствуваме – потенцира д-р Мицеска. Смета дека жената со својата креативност, суптилност и одлучност може да одигра важна улога за подобрување на квалитетот на живеење и модернизирање на нашето општество.

Која е Гордана Мицеска

Професор д-р Гордана Мицеска работи во Институт за тутун од 1985 година во одделението за генетика, селекција и семеконтрола. Од 2009 година е научен советник. Вонреден професор е по повеќе предмети за производство и обработка на тутун, како и на постдипломските студии во Институтот за тутун. Покрај редовната научно – истражувачка работа и успешното усовршување во струката, активно членува во разни комисии на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола и на Друштвото на биолози на Македонија. Потпретседател е на Друштвото за наука во Прилеп. Како научник учествувала во создавањето на шест ориенталски сорти тутун.

Loading