Кантар за тутунот од понеделник

Се отвора откупната сезона в монопол

Поради намалените површини, се очекува недостиг на тутун, а откупувачите да бараат килограм повеќе

Тутунскиот комбинат (ТК) ја отвора кампањата за откуп на тутунот од годинешната берба в понеделник. Менаџментот на ТК потврди дека ќе ги отвори вратите на еден пунк во градот, во рамките на предвремениот откуп, а потоа постепено и во населените места. Според раководителот на секторот за откуп Александар Спиркоски, ТК денеска ги презема од Министерството за земјоделство заверените мостри на тутун за проценка и в понеделник ги активира веќе баждарените ваги. Ќе го откупуваме тутунот од своите околу 2500 кооперанти. Деловна тајна се предвидените количества за откуп. Веќе се обезбедени пари за исплата за седум дена од денот на предавањето. Родот годинава е поквалитетен. Цените за прва класа се 212, за втора 163, а за трета класа 115 денари од килограм – вели Спиркоски. ТК лани откупи околу три илјади тони тутун од ориенталниот тип Прилеп. Познавачите на тутунот велат дека родот годинава е со високо квалитет. Со оглед на намалените површини за околу 30 отсто, поради ниските лански цени, се очекува и просечната цена да биде повисока од ланската за околу 15 отсто. Вакви цени можат да се постигнат единствено во ТК. Зад него стои сигурноста на државата, оти е фирма со доминантна државна сопственост. Впрочем, ТК е традиционален откупувач, кој не затајува со плаќањето и негува долгогодишни фер односи со тутунарите. Досегашните искуства укажуваат дека и проценката на квалитетот на тутунот е најповолна во ТК. Се прогнозира дека седум – осумте откупни фирми ќе лицитираат со цените за да приберат поголеми количества тутун за преработка од прилепско. Откупувачите Струмица табак, Алијанса од Кавадарци и Сокотаб од Битола веќе купија од прилепско околу две илјади тони во картони во летниот експериментален откуп на тутун. Во прилепско се очекуваат околу 15 илјади тони од 13 илјади кооперанти. И годинава тутунарите очекуваат државни субвенции од 60 денари за секој предаден килограм тутун.

Loading