МИСКОЈНА МАНЏИ ПО НАРАЧКА

Послужавникот на фирмата на “Ана Марија Фуд”

Со подготовка на готвени јадења претежно за фирми се занимава фирмата “Ана Марија Фуд”, на чие чело е Марјан Манчески. Иако има само 32 години и е релативно млад, се носи рамо до рамо со искусните готвачи. Неговите манџи, кои мискојна мирисаат, се топол оброк на голем број работници во прилепските фирми. Уката или, како што вели, марифетот на подготовката на храна ја стекнал од стариот мајстор Александар, или готвачот Цане, како многумина го знаат, кој му е дедо по сопругата. Најнапред започнал како возач, потоа да го испече занаетот, да научи да лупи и кромид и компири, за сега да биде врвен мајстор на ширдени, тави и секакви готвени јадења. Готварскиот занает му е главна преокупација, иако завршил средно економско училиште, а потоа Виша школа по биотехнологија. Готви со задоволство, а и сега се надева на помошта и советите од дедо му Цане. Тој секогаш му е џокер кога ќе натежне работата. Готват за фирми и со готови јадења, опслужуваат просечно од 150 – 250 работници дневно. Најбарана е јанијата. Да има пет казани, сите ќе се продадат. Македонската кујна има убави јадења, но треба да се зготват како што треба. Моите ширдени ги бендисале и оние кои имаат аверзија, грешна претстава за некоја храна. Се подготвува со внимание, со љубов. Фирмите имаат 22-23 работни денови, што значи имаме 15 – 16 јадења на менито и нема можност да се повторат јадењата. Секој ден е различно. Некои фирми избираат ја неделната понуда, на пример, пилешко со ориз или подварок со чадено месо, или грав со ќофте, свинско печено или јанија, риба со компир, макарони во плех и слично. Во зависност од фирмата, се догавараме и за делењето на храната – објаснува Марјан Манчески. Фирмите ги бараат услугите, заради пристапната цена, квалитетот на храната и заради тоа што сé поголем број компании не организираат исхрана во кујна. Цените се релативно прифатливи, економски им е исплатливо да не се грижат за исхраната на вработените, за одржувањето, набавките за кујните. Пред сé, внимаваме на хигиената и на квалитетните материјали за подготовка на храната, свежото месо, прегледано од ветеринар, квалитетен и свеж зеленчук и т.н. Најчесто испораката на храната е во 11.30 – 12.30 часот, некои фирми бараат храна попладне, некои за ноќната смена. Цената на една порција е од 80 до 160 денари. Според нормативите, на градежен работник му се потребни 200 грама месо, но не и за некој во канцеларија. Некои сакаат оброк со 300 грама месо, некои со десерт, а некои со додаток сок. Некои сакаат поединечна испорака, но најчесто храната им ја носиме во термоси, затоа што температурата не треба да падне под 63 степени целзиусови. Сме се потврдиле и затоа ја сакаат и нашата професионална распределба на храна – вели Манчески. Освен фирми кои опслужуваат, понекогаш работат и по порачка. Развојот на фирмата го гледа во просторното проширување и зголемување на обемот и да носат храна во повеќе фирми.

Ширденот сака марифет

Иако цената на месото е порасната, успеваат да понудат квалитетен оброк за солидна цена. Марјан вели дека е специјалист за сите јадења, но со задоволство готви ширден и тава. За сé, треба марифет. Најважно е искуството. Треба да се проба и со работата се усовршува. Македонските јадења сите се со многу кромид, но не е наше кременадла со портокал. Јадење без модар патлиџан, без кромид и бамја не е јадење. Ширденот сака марифет – вели Манчески. Дневно готват најмалку по две различни јадења.

Loading