Спречување на пожарите од осмо одделение

На пожарникарите им доаѓаат наследници, а службата има сигурана иднина со новите кадри, бидејќи веќе по 27-ми пат се проверуваат знаењата од областа на противпожарната заштита преку квизот за млади пожарникари. Годинава најмногу знаења покажаа осмоодделенците од ОУ “Добре Јованоски”. Затоа, нема простор за сомнеж дека и на регионалниот натпревар во Крушево, тие ќе се качат на првото место и ќе “бијат мегдан” со најуспешните во земјава на државниот натпревар во Скопје. За превенција, локализација и гаснење пожар, не е потребна само сила, туку и логичко размислување. Затоа не е изненадување што од четворица учесници, три беа девојки. Победничкиот тим е Мартин Илиески, Фросина Кузманоска, Надица Макалоска и Тамара Илиоска. Тие го демонстрираа знаењето во Гимназијата, совладувајќи го материјалот за противпожарна заштита и евакуација при незгоди. Наставникот Сокле Митрески објасни дека со ентузијазмот кај децата, лесно се качиле на тронот за победниците на квизот. Дури имале слободно време да го искористат џокерот, “противпожарникарот”, со што ги удвоиле поените. За триумфот, учениците се подготвувале две недели со дополнителна настава и соодветни материјали.

Loading