Изгрејсонце за вредните

Судејќи според сенката на фигурите на фотографијава, ова е парче од животот на градот во утринските часови во минатото. Додека сонцето го освојува хоризонтот, се развражале, небаре мравки, вредни прилепчани. Итаат фамилијарно по работа, на пазар низ старата чаршија, по дуќаните кои се прилепиле по коритото на градската река. Не бадијала народот рекол: “Кој рано рани, две среќи граби”. Во таа хармонија, среќа на лицата на оние кои знаат азното со полека да го токмат, додека водата тивко тече… А текот на реката и сега е мирен. Се турка времето. Наместо нерегулираното градско корито, на потегот токму каде е направена оваа фотографија, сега се ујдисува нов модерен бизнис центар со катна гаража. Инвеститорите најавуваат дека ќе се изгради и голем мост на коритото од градската река, да се појде отаде река, кон црквата, но овој пат мостот ќе може да го минат и автомобили, а не само пешаци како сега. На местотото од трошните дуќани во кои се врткала што годе сермија, сега во бизнис центрите се нуди од пиле млеко… Водата мирно тече, го турка времето, време минато спомени буди, а денешнината се тркала … Старата чаршија останува мерак на душата!

Loading