Пусоски по стапките на Квентин Тарантино

Режисерот Квентин Тарантино, од продавач во видеотека прерасна во едно од најголемите имиња во Холивуд. Со талентот и волјата да го следи неговиот пат тргнува Александар Пусоски од СОУ “Орде Чопела”. Учи за оптичар, ама очите му се вперени во глумата и режијата. Од стабилната и сигурна професија – офтамолог, Александар претендира да заплива во “матните води” на филмската индустрија. Во трето одделение го играл Чорбаџи Теодос во училишната претстава. Ниту во средношколските денови не го напуштил сонот да биде славен, да биде актер. “Регрутира” актери за за театарска секција. Во завршна година, зад себе има повеќе претстави и настапи со трупата, во која бил и глумец и режисер. Неговата актерска екипа играла хуманитарна претстава за помош на семејството Кочоски од селото Бела Црква, која служела да ги поттикне локалните бизнисмени за помош. Најдобро се вклопувам во улоги кои не се тоа што сум во животот – Турчин или старица. Глумецот на сцена мора да биде камелеон – оценува Пусоски. Вели дека има трема, како секој актер во контакт со публиката. Тремата дава сила да се истрае. Кога е преголема, секој има начин на справување. Некој премногу зборува, некој е замислен, а најинтерсен е со јадење на многу портокали кој го применуваше еден професионалец од Скопје – вели идниот актер. Најголем успех му е двочасовниот аматерски филм “Паца за Австралија”, снимен со помош на фото – студиото “Лозиго” и финансиска помош од училиштето. Кадрите се во процес на монтажа. Планиран е и втор дел, за кој Пусоски веќе ги има контурите во главата. Училиштето ми излегува во пресрет. Дозволуваат повремено да отсуствувам за проби за претставите. Следен проект е за натпреварот за најдобар кус филм во Гостивар. Содржината не е целосно обработена – најавува Александар. Пишува текст за натпревар на јужнословенски држави, на кој трите најдобри текста добиваат превод и сценска изведба. Во меѓувреме чека да биде статист во најновиот македонски филм “Трето полувреме”. Го релаксираат хорор и акционите филмови. Строг е како режисер на училишната секција. Бара дисциплина при снимањето. Зад сцена сите сме другари, ама на сцена се знае кој е главен и кој се слуша – рече Александар. Идол му е покојниот Ѓорѓи Колозов, заради способноста за трансформација и адаптација, а животната девиза му е “биди свој и не барај копија во другите”. Инаку, како сите млади, не може да го “сфати” животот без Фејсбук.

Loading