СО ДИРЕКТИВА НЕМА ПЕРСПЕКТИВА

Големината на владеачката партија е во тоа да знае да ја вклучи и опозицијата во својата план програма. На 29 септември Советот на општината го посети на Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Амбиентални прикази на одредено време, растежи и падови, херои и предавници, автентични документи, драматично насликани историски настани. Вистинска почит кон восочната фигура на британскиот политичар Вилијам Гледстон (1809 – 1898) кој во Европа прв ја кажа паролата “Македонија на Македонците”. Денес, дел од Македонците не сакаат да ја видат својата историја. Меѓу нив и членовите на Советот од опозициската СДСМ. Не ги обвинувам колегите, оти се работи само за чиста дисциплина. Зарем уште култот на личноста зависи од степенот на послушноста!?

Го слушам нивниот претседател Б.Ц. дека немало жртви на комунизмот, што е и причина за нивното негирање на музејот. Немало време што се плаши толку од вистината, како ова нашево. Но, за мртвите и лагата се прима како вистина. Зошто вистините не се погласни од лагата. Потоп од факти, а ни поштук од вистината. Бегаат. Бегаа од вистината. Бегаат со селективна амнезија од памтењето и се бранат со заборав. Додека едните ги засилуваа своите перспективи, другите ја претвораа надежта во вера.

Како што и бидува, “спорните работи” се покажаа за неспорни. Денес не е доволна вештината да се менува и ништо да не се измени, да се зборува, а ништо да не се каже. Тајните податоци треба да ги знае оној на кого му се потребни, а не оној на кого што му се достапни. Останаа за паметење само оние кои имаа способност во иднината да се препознаат себе си.

Должни сме да имаме обѕир спрема живите, а на мртвите им ја должиме само вистината, која навраќа по своето. Никој нема право да прости, во име на мртвите. Од црвените, ќе остане уште по некој црвен образ. Ни боговите, (а камоли Бранко) не можат да направат дека небило она што било. Никогаш нема да се заборави овој суров максимум на човекова неправда. Проговори ли совеста во нивните души за времето на нивната несовесност? И да запаметиме, највредни се само оние споменици кои ги подигнува потомството.

До кога патетично ќе рониме солзи повеќе над страшната судбина на џелатот, одошто на судбината на жртвата. Каков народ сме кога изумира омраза кон џелатот!

Политичко – македонската трагедија е различните историски видувања. Во една цивилизирана Хрватска, Германија и Словенија концензусот меѓу политичките партии се подразбира во однос на тоа прашање. Тоа е она што сакам да си го посакуваме меѓу нас. Историско и национално помирување.

Не само Црвенкоски со СДСМ, туку и јас имам некои забелешки во однос на музејот. Еве неколку. При судењето на Методија Андонов – Ченто, покрај судијата ги нема уште двајцата поротници. При стрелањето на петте струмички студенти ја нема струмичката наредбодавка. При убиството на Борка Талески и Лазо Филипоски -Лавски, го нема кавадарскиот наредбодавател.

На прикажаната фотографија на убиениот Ѓорѓи Карев (братот на Никола Карев), го нема човекот кој тој ден го посети Идризово. А тој ден Ѓорѓи Карев требаше да биде ослободен по шест години робување. За утеха, наредбодавателот го има на една фотографија, тука негде во музејот.

Првиот претседател на Крушевската република Никола Карев го нема и во македонската химна! Знаете, некои имиња човек не може да ги изговори од хигиенски причини. Тука се и Рацин, и Ченто, Брашнаров, ангелот на револуцијата, Павел Шатев, К.Ј.Питу, Шарло, Голи оток, Кале…

Се најдоа мажи и за нив.

Каде се стреланите 48 кумановчани, 57 велешани, стреланите 27 ресенчани и безброј други. Прикажани многу жртви, а малку џелати. Некој се погрижил, за мир во куќата да не се бламираат нивните поколенија. И треба така да биде. Сето ова што побрзо да го заборавиме. И пак кај нас да остане во длабоко паметење.

Советник од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading