Седум децении од никулецот на слободата

Одбележан празникот 11 Октомври

Со полагање на цвеќе на Могилата на непобедените, на Алејата на народните херои и на споменикот на првиот претседател Методија Андонов – Ченто, Прилеп одбележа седум децении од вооруженото востание. Советот на Прилеп имаше свечена академија, на која се потсети на славниот почетокот на вооружениот отпор и приклучувањето на Македонија кон антифашистичката коалиција во 1941 година. Министерот за култура Елизабета Канческа Милевска го отвори реконструираниот Меморијален музеј 11 Октомври, каде пред 70 години бил извршен нападот на окупаторската полициска станица. Градоначалник Марјан Ристески го откри споменикот на народниот херој и идеологот на народно ослободителното движење Кузман Јосифоски – Питу пред Музејот. Споменикот, висок два ипол метри, е дело на професорот Жарко Башески. Прилеп даде многу жртви за создавањето на државата, а прилепчани ги носат во срцето паднатите борци на браникот на слободата. Светост за градот на непокорот и простумот се Могилата на непобедените, каде се моштите на борците од Прилеп, и Алејата на народните херои – рече Ристески. Традиционално, празникот се одбележа со импровизиран напад на градот и спектакуларен огномет. Околу 1200 ученици од основните и средните училишта, облечени во црвени и жолти маички со перформанс го изведоа македонското знаме во центарот на градот.

Loading