ОТКАКО ЌЕ ЈА СЕТИШ, ЌЕ ТЕ ПОЛАЗИ ЗА НАВЕК

Благоја Гоцески, вљубеник во хитлеровите “буби”

Конструирана е да не се превртува. И да се “тумба”, што не е можно, оти тежи еден тон, пак застанува на тркалата, како мачка

Уште покорува запаленици хитлеровиот “народен автомобил”, Фолксваген – Буба, и по 70 години од производството на првиот автомобил во Германија, и по десетина години од запирањето на производствените ленти на фабриката во Мексико. Привлечен е и “лови” нови “заробеници” популарниот автомобил со необичен дизајн од крајот на триесеттите години од минатиот век кој во светот доживеа да има над 21 милион примероци. И дел од прилепчани се фатени на “мамката” на Бубата. Затоа десетина страстни љубители се собраа на плоштадот да ги демонстрираат “миленците”, кој од шеесеттите, кој од седумдесеттите години, и да продефилираат низ градот. Целта на ревијалното возење беше да се официјализира основањето на прилепскиот разгранок на македонскиот Буба клуб. Од десетината сопственици на буби, засега само тројца станаа членови, а претседател е 33 годишниот Благоја Гоцески. Тој е опседнат со Бубите од дете. Ги собирал и како минијатурни, кои и денес ги чува во домашните витрини. Располага со три Буби. Засега ниту една не е дотерана. Сите се без “шминка”. Едната ја токми за “античка”, како оригиналната верзија и со првата боја. Втората ќе ја фризира во летна “машина” во верзија кабрио, а третата ќе биде без крила, со широки бандаши и спуштена. Во меѓувреме Гоцески вози друг автомобил за извршување на секојдневните потреби. Гоцески е тата-мата за Бубите. Знае сé и сешто, дека Хитлер ја нарачал во 1937 година кај дизајнерот Порше да конструира народно возило, кое ќе може да го има секој Германец, за четири години, ако неделно штеди по пет рајх марки или да не биде поскапо од илјада марки. Нарачката била да се создаде автомобил за едно четиричлено семејство, кој ќе биде издржлив економичен и да развива брзина до сто километри на час. Неопишлив е кефот и возењето во Бубата. Се разликува од други автомобили. Моторот работи на друг принцип. Издржливи се и каросеријата и моторот. Да се почувствува убавината на Бубата, треба да се влезе и во неа да се ужива. Како возрасен, го остварувам детскиот сон да влезам и да управувам Буба, оти ме привлекуваше како магнет, ме влечеше, ми оставаше трага во душата не само со специфичниот звук и изглед, туку комплетно – објаснува Гоцески.Вели дека во Прилеп има најмалку 25 буби, а малку “бубаџии”. Најстарата е од 1962година. Можеби има и постара. Посебноста е и во тоа што може да се вози како класично возило. Може да се адаптира за кабрио, баги и други варијанти. Сé што се замислува, се прави од Бубата. Толку е популарна што сите сме се воодушевувале одамна на филмот со Бубата, Херби. И да имам многу пари, пак ќе купам Буба, оти сум фасциниран. Уживам и да ме гледаат, да предизвикам воздишки и луѓето да се вртат по Бубата. Атрактивна е, го привлекува вечно, свежиот дизајн од пред 70 години.Тоа што таа го нуди, не го дава ниту еден друг автомобил. Затоа ќе вложам по две-три илјади евра да ги дотерам Бубите – вели Гоцески. Едната Буба му е од 67 година. Сé функционирало беспрекорно, оти е оригинално. Дури и ламбичките не се сменети.Не е ефтино задоволството да се управува Буба. Чини од 200 до 20 илјади евра, со реставрациите. Еден прилепчанец вложил во дотерувањето околу пет илјади евра. Резервни делови има. И оригинални ефтини во специјализирана фирма во Данска, со 3250 видови. Ги знаеме специјализираните мајстори. Но, не се расипуваат, а одржувањето не е скапо. Конструирана е да не се превртува. И да се “тумба”, што не е можно, оти тежи еден тон, пак застанува на тркалата, како мачка – објаснува Гоцески.

Буби од дедо

Здружението ги обединува сите љубители на Бубите во Македонија. Во Скопје има “запалени” кои возеле Буби 30-40 години, од дедо и од татко им влегла крастата. Преку здружението се набавуваат оригинални и ефтини нови делови. Се организираат собири, заеднички тури на возење. На собирите се разменуваат мислења и се парадира низ улиците на македонските градови.

Loading