КУТРИОТ ПРЕДЛОГ “ВО”

Овој предлог е многу онеправдан. Го употребуваме, го разносуваме и таму каде што треба и таму каде што не треба. Ќе набележиме неколку примери каде што е погрешно употребен, а потоа ќе се обидеме да ги образложиме.

– Судијата не бил ВО право.

– Претседателот на Република Македонија ВО посета на Словенија.

– Децата одат ВО ШКОЛО.

– Утре ќе одиме ВО кино или ВО театар.

– Да чукнеме ВО дрво.

-”Вардар” победи ВО гости.

-”Победа” уште еден натпревар ќе играла дома и уште два ВО гости.

Сиве овие примери укажуваат на погрешната употреба на предлогот ВО. А ги слушаме насекаде. Во приватни разговори, во медиумите, од политичарите, буквално, насекаде. Причините се јасни – калкирање и имитирање на српскиот јазик. Да почнеме со ред.

“Судијата не бил ВО право”. Погрешно. Треба да се рече дека судијата не бил прав или дека судијата НЕМАЛ ПРАВО. А како би се рекло обратното од “Не бил ВО ПРАВО”, значи, “Бил ВО КРИВО”. Погрешно, погрешно е тоа. Србите нека си велат – “Судија није био у праву”. Не треба да не интересира тоа.

“Претседателот на Република Македонија ВО посета на Словенија”. И во ваквите случаи стана мода да му се изместува местото на предлогот ВО. “Претседателот на Република Македонија НА посета во Словенија”, а не ВО посета. Кога станува збор за некоја обична посета секој би рекол дека ќе појде НА посета кај пријателот. А кога станува збор за некои официјални посети се употребува ВО посета. Се разбира, тоа е погрешно. Но, ете, на телевизиите не можеме да слушниме поинаку, ниту пак во весниците да прочитаме како што треба.

“Децата одат ВО ШКОЛО”. Во скопскиот говор редовно ја слушаме оваа грешка. За жал, и на телевизиите. И деца, дури и од најмала возраст, така ги учат наставниците. Децата одат НА училиште. Тоа е правилниот израз. Е, сега, тука се јавуваат некои “мудреци”, па велат дека децата нема, белки, да се качуваат на училиштето. Погрешно е тоа мудрување. Именката училиште е добиена од глаголот УЧИ, со наставка ЛИШТЕ, а таквите именки означуваат место. Во случајов, место каде што се учи. Затоа, децата одат таму на учење. Но, ние пак под влијание на српското “Идем у школу” и ние – “Одам ВО ШКОЛО”.

Истата забелешка се прави и со изразите “Ќе одиме ВО кино” и “Ќе одиме ВО театар”. Ако се речело “Ќе одиме НА театар” ќе значело дека ќе се качуваме на театарот. Не е така. Изразот (правилен) “Ќе одиме НА театар” значи дека ќе одиме на гледање театар. Ако рече некој дека оди ВО театар, тоа значи дека оди во театарот како зграда. Оди во театарот кај директорот, оди во театарот за да го разгледа и така натаму. “Оди во театар” може да значи и дека некој оди во редовите на театарот, таму ќе работи. А ако се рече дека некој оди НА театар, веднаш станува јасно дека оди да гледа театарска претстава. Исто како кога некој оди на концерт, на балет, на опера и слично.

Не еднаш сме слушнале да се рече – “Да чукнам ВО дрво”. Па дури и во песната – “Чукни ВО дрво”. Да размислиме малку! Може ли да се чука ВО нешто?! Се чука НА нешто, па според тоа – “Да чукнеме НА дрво”, а не ВО дрво.

“Вардар” победил ВО гости”. Ваквите изрази ги слушаме редовно од нашите спортски коментатори. И тоа е под влијание на српското – “Вардар” је победио у гостима”. А зошто да не биде “Вардар” победи НА гости или дека “Вардар” победил како гостин или дека победил НА гостувањето.

Истото е и со гостувањето на “Победа”. Еднаш ќе играла дома, а двапати ВО гости. Овие грешки се прават со толкава леснотија, што никој и не помислува дека се тоа грешки. Зошто да не се рече дека “Победа” двапати ќе игра НА гости или дека двапати ќе гостува или ќе игра како гостин?!

НА викенд, НА екскурзија, НА семинар. И секаде предлогот е НА, а не ВО.

Одиме НА гости, одиме НА посета, одиме НА училиште, одиме НА театар.

Благоја Ивчески

Loading