Реакциите на членството – поука за иднината

Интервју со Гоце Ингилизов – Координатор на ОК на ВМРО – ДПМНЕ

Ќе има промени во раководствата на дел од јавните институции и во ОК поради заситување од работното место или поради ново кадровско решение за нова енергија и нови идеи

Потребен е поинаков пристап од менаџерските тимови на загубарите, но и голема помош од Владата да мрднат кон подобро

Дали е точно дека централата на партијата реагирала на изборните резултати од парламентарните избори во Прилеп?

ВМРО-ДПМНЕ ги доби парламентарните избори како и претходните неколку изборни циклуси. Во Општината ја поразивме опозицијата петтипат со ред, освојувајќи само четири проценти помалку од претходните парламентарни избори. Тоа е огромен успех и ретко се случува во плуралистички општества. Реакција директна немало, но има незадоволство меѓу нас во ОК Прилеп за намалувањето на разликата во однос на СДСМ. Тоа ни дава јасен сигнал дека може да се подобрат доста од работите кои до сега сме ги извршувале. Мислам на проектите на Владата, Локалната самоуправа и активностите во рамките на Партијата.

Ако се потфрлило, дали опозициијата е во офанзива или можеби влијание имале гласовите за Георгиевски или Бошковски. Ако таму “заминале” дел од гласовите на ВМРО – ДПМНЕ, што се причините за “бегството” на традиционалните гласачи?

Во Прилеп, ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу гласови, близу 24000 во 2009 година на парламентарни избори. На последните имавме 23000, на локалните избори за советничките листи никогаш сме немале повеќе од 20000. Не знам на кои традиционални гласачи мислите. Ова е максимумот кој можеше да се извлече после шест години власт. Опозицијата не е во никаква офанзива. Гласовите и за нив беа изненадување. Никогаш нема да се приближат до оваа бројка од 20000 повторно. Тие не ги освоија со идеи и некаква битна програма. Во книжулето кое така го нарекуваа, Прилеп не беше ниту еднаш споменат. Според мене, гласовите на нивно конто дојдоа од негативната кампања која ја водеа со дискредитација на сите проекти и на сите личности од нашата Партија.

Легнаа работите и во помирна атмосфера, како понатаму?

Започна нов циклус по кој следуваат локални избори, различни од парламентарните, за кои треба различни подготовки и сосема различен приод. ОК е еден од најголемите и најорганизираните во Македонија. Тој во континуитет продолжува да работи, само со несмален интензитет. Во наредниов период ќе има одредени кадровски промени, во составот на ОК и во местните комитети, заради незаинтересираност, истрошеност на кадрите, а дел заради награда за добро завршени задачи. Овој состав на раководството на ВМРО-ДПМНЕ со многу мали промени функционира од 2004 година и се чувствува замор и заситеност.

Дали ќе има политичка одговорност?

Партијата има неколку тела со одредени надлежности. Можам да барам одговорност кај претседателите на местните комитети од избирачките места каде што загубивме и меѓу членовите на ОК, ако сметам дека некој не ја завршил работата како што треба. Дали некој од раководството ќе сноси одговорност во Прилеп, треба да го прашате претседателот Груевски и членовите на ИК. Иако грешки во спроведувањето на активностите за време на кампања немаше, ниту пак имавме некакви забелешки од централата, од реакциите меѓу членството за начинот на кој треба да се избираат кандидатите, треба да учиме во иднина.

И градоначалникот Марјан Ристески најави промени на локалните раководни гарнитури. Како го коментирате тоа?

Марјан Ристески е член на ИК на Партијата. Нема да си дозволам да коментирам изјава на човек со повисока функција, но дека ќе има промени во раководствата на дел од јавните институции, ќе има. Кога се влегува во одредена институција на одредена позиција, се влегува со максимална желба за позитивни промени, со енергија и ентузијазам, кои по одреден период спласнуваат. Природно е да има промени и ротации, не секогаш поради грешки или неработење, туку заради постигнат максимум, заситување од работното место, или поради ново кадровско решение кое ќе донесе нова енергија и нови идеи. Ова важи и за позициите во Партијата и за локалните функционери.

Од една страна се шпекулира за “жртви”, од друга страна се зборува за прилепски кандидати за заземање значајни позиции во третиот ешалон на власта. Колку е точно тоа?

Во Прилеп победивме и нема никакви жртви. Може ќе има преструктуирање во зависност од спецификата на следните избори, во кои, според мене, најголем товар ќе падне на кандидатите за советници и градоначалник. Тоа не значи драматични промени, туку внатрепартиски рокади, кои ќе донесат подобри резултати. Се разговара во однос на позициите во власта.

Колку локалната политичка гарнитура на ВМРО – ДПМНЕ може да даде придонес, подобрување на состојбите во двата загубара, Еурокомпозит – 11 Октомври и во Тутунскиот комбинат?

Помагаме максимално преку контактите кои ги имаме и верувајте имаме значителен придонес за нивното досегашно опстојување. Но, одамна се минати годините во кои требало овие фабрики да станат гиганти наместо загубари. Лично мое мислење е дека треба поинаков пристап од менаџерските тимови, но и голема помош од Владата за да мрднат кон подобро.

Дали градот може да понуди нешто посебно, што го нема во државните проекти за интензивирање и за стабилизирање на економските текови, за привлекување на странски инвестиции… за заживување на локалната економија, а со забрзување на вработеноста…

Градот е драстично променет последниве шест години. Тоа е дело на екипа “ создадена” околу Градоначалникот, која макотрпно работи за подобрување на имиџот на Прилеп. Сите институции, и оние под локалната самоуправа и оние под Владата, се променети во позитивна насока. Но, треба многу повеќе за подобрување на економската состојба. Ингеренциите се ограничени и многу се зависни од централната власт, како и од светските економски текови. Инфраструктурните проекти, даночната политика, образовниот систем и продукцијата на високостручен кадар, општата политичка и безбедносна состојба се само дел од активностите кои се надвор од нашиот домен. Но, ние сме тука да притискаме и да насочуваме добар дел од средствата од државниот буџет да се трошат во нашиот реон. Сите жители ги чувствуваат бенефитите од реформите и проектите во сите сектори на општествениот живот. Субвенциите и реформите во земјоделието, реформите и инвестициите во здравството, образованието и културата, инвестициите во инфраструктурата, големиот број на грантови и кредити за претпријатијата, даночната и монетарната политика, проектите за самовработување, развојот на туризмот, се само дел од стотиците проекти кои водат до подобрување на општата состојба во општеството и го подобруваат животот на населението.

Loading