Признание со потпис на Обама

Прилепски “конзулки” во САД

Откако нашите кошаркари í “покажаа” на Европа каде е Македонија, гимназијалките од “Мирче Ацев” Симона Премческа и Ангела Димческа ја промовираа земјата и Прилеп со академско знаење. Вредните и способни девојки се издвоија меѓу 600 македонски ученици при едногодишниот престој во САД, организиран од Американскиот совет за меѓународно образование. Во различна држава, двете девојки учеа заедно со американски ученици, постигнувајќи резултати, кои дошле до ушите на Претседателот на САД, Барак Обама. За високото знаење Симона Премческа ја доби првата награда на Мисури – сертификат за најдобар ученик, потпишан лично од Претседателот Обама. Таа посетувала средно училиште во Кларк Каунти во Мисури, каде отскокнувала со знаење по сите предмети, дури и по англискиот јазик. Учествувала во школскиот бенд каде добиле прва награда – неделно патување низ Флорида. Како “шлаг на тортата”, се сретнала со политичките претставници во Сенатот на завршната церемонија во Вашингтон. Се запознала со американскиот образовен систем и им “ги отворила очите” на Американците за нашата земја. Флексибилната Симона работела во заедницата како волонтер. Била закитена и со медал за придонес на заедницата на свеченост во Чикаго. Инаку живеела во фамилија со германско-американско потекло, каде стекнала почит од цела заедница заради љубезноста. Втората “амбасадорка”, Ангела Димческа, го “покриваше” североистокот на САД, во Њу Хемпшир, каде учела во гимназијата “Стевенс”. Фамилијата – домаќин била многу љубезна и ја прошетале низ Њујорк, Филаделфија и Вашингтон. Вредната Ангела била најдобар ученик во тамошната гимназија и добила награда за ученик со надпросечен успех и награда за посебни достигнувања на локално ниво. Интересно е што, иако не играла тенис, таму освоила прво место во оваа игра. Какво мислење и познавање на Македонија има обичниот американец, говорат прашањата кои двете гимназијалки ги добивале секојдневно. “Дали Македонија е племе во Африка?”, “Дали има струја?”, “Дали сте слушнале за телевизор?”, “Која држава е Македонија во САД?”, “Каде поточно во државата Европа треба да го пратам писмово?”… Преку десетиците презентации на Симона и Ангела и одговорите на некои од овие прашања им дале нови сознанија на американските колеги.

Loading