Сосема сменето школото “Рампо Левката” по деценија

Став на Зоран Смилески

Во ужасна состојба го оставив ОУ “Рампо Левката” во 1998 година, кога го завршив основното образование. Повеќе прилегаше на затвор, казнено – поправен дом, отколку на пристојна образовна институција. Санитарните јазли беа извор на инфекции, нагледниот прибор застарен и малуброен, а библиотеката располагаше само со лектири. Училниците беа опремени со стари, искршени клупи, изгребани табли… Недостасуваа и столчиња. Не бев оптимист дека за скоро време нешто ќе се подобри, туку светот ќе се движи, а овде “возот нема да мрдне или ќе се движи со брзина на полжав”. Ама згрешив. Годинава О.У. Рампо Левката го видов во ново издание, како по филмовите. Заличено од сите страни, чисто небаре аптека. Сé е дотерано, од надвор – фасадата, а внатре сé е под конец. Нема прашлив двор, нема соблекувални како самици, туку поплочен двор со околно зеленило и соблекувални со туш-кабини. Ликот е сменет на подобро за 360 степени. Директорката Соња Блажеска објасни дека е уредена салата за физичко со теретана за изведување на програмата со донации од локалните претприемачи и со локалната самоуправа. Со сопствени средства збогатена е библиотеката со 80 книги, со тенденција да расте со соработката со издавачката куќа “Просветно дело”. Кабинетот за музичка култура е опремен со клавир, два синтисајзери и мандолини, за мандолинскиот оркестар. Затоа е успешен и хорот – вели Блажеска. Да се одржи нивото донесен е кодекс за однесување. Секоја штета на инвентарот во целост се плаќа од тој што ја нанесол. Кодексот веќе се почитува и донесе резултати. Затоа се оштетени само пет мауси – истакна Блажеска. За пофалба е и дисциплината на учениците, која, со видео надзорот, е доведена до перфекција.

Loading