Добра вила

Седејќи во собата со погледот свртен кон прозорецот, ненадејно здогледав гулабица во лет. Во прегратката го носеше своето штотуку родено гулапче. Цврсто го стегнала на градите, плашејќи се да не í се слизне од пазувите. Несакајќи да го избришам од меморијата, восхитот со кој ја набљудував, прекрасната глетка ја преточив во зборови, кои немирно се тркалаа по хартијата. Глетката беше несекојдневна, неповторлива, незаменлива, каква мојата хероина од оваа приказна. Без сомнеж, главната ролја ќе í припадне на една прекрасна волшебна самовила, која како со магично стапче успева сите мои неспокојни утра да ги претвори во спокојни денови, исполнети со љубов и разбирање. Кога сите бродови потонаа во длабочините на морето, од олујата што ги зафати нејзините бистри води, по кои дотогаш мирно пловеше, сакајќи да стигне до својата цел, се чинеше дека засекогаш í го смени текот по кој се движеше нејзиниот живот. Додека храбро се бореше со разбеснетите води и безмилосните бранови, мечтаеше побргу да исплива далеку од оваа бура, а ветрот да ја одвее на некое мирно и топло место, спокојно да ја одмори душата. Пливајќи по немирните води единствена надеж и утеха í беше ранетата сирена, која залепена за нејзините перки, блескаше како светилка и í го осветлуваше патот по кој се движеше. Можеби некогаш чувствуваше голем товар, носејќи ја со себе сирената на своите плеќи, но едноставно не можеше да ја остави, бидејќи знаеше дека таа í е единствената верна придружба која бескрајно ја сака. И ден денес кога и да заврне дожд, прекрасната самовила се сеќава на деновите кога дуваа силни и ладни ветрови, а камењата што ги носеа брановите и оставија модринки по нејзиното тело. Затоа сега со овие зборови ќе изградам споменик во чест на мојата добра вила, бидејќи таа е единствената хероина во мојот живот. Поставен на столб од солзи радосници, му се заблагодарувам на Бога, затоа што ја прати да ме води по трнливите патеки на животот, посакувајќи сонцето кое ни ги грее лицата, веќе никогаш да не згасне.

Ивона Јованоска

Loading