“Индијанците од Тутунленд” во Шабац и Бања Ковиљача

Учениците од ОУ “Климент Охридски” повторно на карневали

Со групната маска “Индијанците од Тутунленд”, педесетината ученици од ОУ “Климент Охридски”, со наставниците Анче Ангелеска и Цветан Волчески, учествуваа на карневалите во Шабац и Бања Ковиљача од 15 до 19 септември. Меѓу 45 маски од повеќе земји, меѓу кои Бугарија, Словенија, Хрватска, Романија и други, прилепската маска била мошне атрактивна на четвртото издание на карневалот од ревијален карактер. Маската беше одлично прифатена, пречекана и испратена со силен аплауз и со зборовите: “Македонци, најдобри сте” – објаснува наставникот Цветан Волчески. Учениците од ОУ “Климент Охридски” учествувале и на ревијалниот интернационален карневал во Бања Ковиљача, кој се одржал првпат, а бил наречен Кралски карневал. Учествувале 25 маски од разни држави. Иако беше многу напорно со толку деца, сепак сме задоволни со претставувањето на градот и земјата меѓу сите учесници. Горди сме, бидејќи одлично беше прифатена нашата маска иако бевме најмлади меѓу учесниците – објаснува Волчески. Инаку, награда за најдобра групна маска освоија децата од ОУ “Климент Охридски” на меѓународниот карневал Лесковац 2011. Инвентивната маска со педесетина учесници, Индијанците од Тутунленд, дизајнирана со тутунски листови, го привлече вниманието не само на публиката на дефилето, туку и на жирито. Учениците го промовираат градот и фестивалот на маски Прочка, на кој веќе неколку години освојуваат награди. Покрај со групната маска Индијанците од Тутунленд, изминативе години на карневалот Прочка беа наградени и за маските Посни светиниколски сармички и за Јапонските цреши, што ја потврдува инвентивноста и креативноста на наставниците Анче Ангелеска и Цветан Волчески.

Loading