ПОЛУМАТУРАНТ НА ЕСАПСКИ МЕГДАН ВО ЛАРНАКА

Во Ларнака на Кипар ќе дели математички мегдан со врсници Божидар Стефаноски, полуматурант од ОУ “Кочо Рацин”. Тој успеа да ги надрешава своите ривали на јуниорската државна математичка олимпијада во Скопје, а освоеното прво место ќе го одведе на натпревар во знаење по математика на балканската математичка олимпијада. Вели дека успеал на државниот меч во силна конкуренција при решавање на тешки задачи и борба за секој поен. Со класниот по математика Велимир Котески, решававме најразлични задачи да добијам идеја и да најдам одговор и за други математички сложени “загатки”. Подготовките не се куси, туку континуирани, дури од петто одделение. Во меѓувреме, победував на домашни напревари. Математиката ми лежи и школувањето ќе го продолжам во средното училиште во Скопје, “Јахја Кемал” – објаснува Стефаноски. Како сите млади надарени деца, сон му е да стане математичар. Наставникот Велимир Котески се радува што неговиот ученик се искачил на врвот по математичко знаење. Има талентирани деца, но како да губат волја. Веројатно на тоа влијаат малите стимулации. Примерот со Божидар сведочи за немотивирачкиот третман. Родителите на Божидар платија 300 евра за патувањето за Ларнака. Нужно е да се најде некоја друга сатисфакција, материјална, освен јавното презентирање на најдобрите деца – вели Котески.

Loading