ИГРАН ФИЛМ – ИГРЕН ФИЛМ

Ненадејна средба со пријател. Вели дека одамна сакал да се сретнеме да праша каква е разликата помеѓу ДОКУМЕНТАРЕН филм и ИГРАН филм.

Што правиме сега?! Прашањето не е толку едноставно за да може толку брзо да се одговори. Му објаснуваме дека во ДОКУМЕНТАРНИОТ филм фактите, настаните и личностите се тие, вистинските. Нема никакво преправање. Така е, како што е. Во ИГРАНИОТ филм се пишува најпрво текст (сценарио). Потоа, режисерот го проучува, го разработува и врши распределба на улогите. Таму луѓето не се вистинските, туку играат актери. Се прави сценографија, се пишува музика. Се прават и многу други потребни нешта. Таквиот филм е уметнично дело. Авторот на текстот и режисерот имаат определена идеја, порака која сакаат да ја пласираат.

Пријателот вели дека сето тоа го знае, но го интересира зошто се вика ИГРАН филм!? Според него, изразот ИГРАН филм значи филм што е ИГРАН, што е ИЗИГРАН, ОДИГРАН и нема веќе да игра.

Забелешката е сосема точна. Изразот ИГРАН филм е погрешен. Уште одамна сме ја имале таа дилема. Сме чувствувале (како пријателот) дека тоа е погрешно, но не сме знаеле зошто е тоа така. Таа дилема траеше, додека не прочитавме определено толкување од покојниот Благоја Корубин, во рубриката ,,Јазично катче,, што тој ја уредуваше во весникот Нова Македонија уште во Југославија. Каде е грешката? Во српскиот јазик е ИГРАНИ филм, во бугарскиот – ИГРАЛЕН филм. Како дошло кај нас ИГРАН филм? Имено, нашите лингвисти од тоа време го зеле српското ИГРАНИ филм, ја отфрлиле наставката ,,НИ,, а ја додале македонската наставка ,,АН,, – ИГРАН. Но, тука е грешката. И тогаш и сега, многумина (па и стручни лица) мислат дека во српскиот јазик придавската форма е добиена од глаголот ИГРАТИ. Кај нас тој гласи ИГРА (јас играм, ти играш, тој игра). Тука е забуната. Во српскиот јазик придавката ИГРАНИ не е добиена од глаголот ИГРА (тој игра), туку од именката ИГРА – ФИЛМ ИГРА, ФИЛМСКА ИГРА, како што е ТЕАТАРСКА ИГРА, ШАХОВСКА ИГРА и така натаму. Значи, сега дојдовме на вистинскиот пат. Ако во српскиот јазик ИГРАНИ има наставка ,,НИ,, во македонскиот јазик таа наставка е ,,ЕН,. Според тоа – ИГРЕН филм. На таков начин се добива, така да се рече, чиста придавка, како што е случајот со МОЛБЕН – од молба (молбен глас), ЖАЛБЕН – од жалба, СВАДБЕН – од свадба итн.

А, она што му пречи на пријателот (ИГРАН филм) треба да ни пречи на сите, зашто е погрешно. ИГРАН е глаголска придавка, таа покажува дека некое дејство е завршено – ИГРАН, БЕГАН, ШЕТАН, ТЕПАН и слично. Сиве овие зборови (глаголски придавки) се добиени од глаголи – игра, бега, шета, тепа. А, ИГРЕН, ЖАЛБЕН, МОЛБЕН се добиени од именки – игра, жалба, молба.

Немавме намера олку да завлегуваме во граматичките норми и во теоретизирање, но поинаку не се може. Прашањето е доста комплицирано, па затоа им избегало од вниманието и на стручните лица.

Да оставиме се друго и да завршиме. Не треба ИГРАН филм, туку ИГРЕН филм. Може и ИГРАЛЕН филм, добиени од именката ИГРА. ФИЛМ – ИГРА, ФИЛМСКА – ИГРА.

Но, ИГРАН филм има фатено длабоки корени и тешко дека може сега да се измени. Нашите можности и компетенции завршуваат овде. Кога би имало добра волја кај нашите врвни лингвисти, да го препорачаат ова решение до сите медиуми, а луѓето да почнат да слушаат редовно – ИГРЕН, а не ИГРАН, може да има и успех.

Се сомневаме дека некој ќе го активира ова прашање.

Благоја Ивчески

Loading