БОЛКАТА Е СЕ ПОГОЛЕМА

Јас сум Снеже Магероска, мајка на трагично загинатиот ученик, гимназијалецот Јордан Магероски пред речиси една година. Болката наша е сé поголема, бидејќи тој ни беше единец. Болката зовре уште повеќе, откако слушнавме дека од истрагата нема обвинети. Се чувствува само морална одговорност од страна на професорот. Случајот е затворен.

Бевме сигурни дека живееме во правна држава, каде Судот ќе ја донесе правичната одлука – професорот да биде казнет, поради негрижа и недавање помош на малолетно дете. Направени беа премногу пропусти, а сега ни рекоа дека не постои закон, според кој би можел да биде обвинет.

Го потсетувам Џорџе Арсов, директор на Државниот просветен инспекторат, дека проектната настава беше изведена на 13.06.2010 г. по завршување на школската година во недела на температура од 45 целзиусови степени. Не беше присутен професорот кој ја води активноста, воедно е и класен раководител на моето дете, Трајче Зуламоски, а децата беа оставени на друг. Професорот Тони Атанасоски без да ги знае децата, без список, без програма, замина на тој пеколен ден. Детето во 09.30 часот се жали на болка во левата нога. Без да се запре групата и да му се помогне, тој продолжува, а на син ми му вели да се симне со планинарите, без да дојде до него и да види што го боли. Се враќа, без да провери дали ги враќа сите деца што ги повел утрото.

Ние, како родители, нормално загрижени што уште го нема почнавме да го бараме. Морам да напомнам дека станува збор за добро воспитано и срамежливо дете, кое во осмо одделение беше прогласено за ученик за пример, и во поведение, и по успех. Сите искази дадени тој ден, во истрагата беа потполно изменети, како од страна на професорот, така и од децата. Нас, едно ни кажаа, а под притисок од професори, кажувале сосема друго.

Ве замолувам и верувам во Вас дека Вие како директор на важна институција во образованието ќе преземете соодветни мерки кон професорите, кои го оставија детето 10 часа само во планината – го убија. Не можам да замислам, не можам да спијам од неправдата. Го направија детето болно, не погледнувајќи ги сите медицински досиеја и систематски прегледи. Беше прездраво момче, а последниве три години немаше ни настинка.

Трипати го сменија извештајот од обдукцијата. Дали имаат срце и дали можат мирно да спијат овие професори. Прават сé, да излезат праведни и вршат притисок врз судството и невините деца, на сметка на нашиот син, кој е умрен и не може да ја каже вистината.

Ве молам да ми одговорите и барем малку да ми влеете надеж дека постојат луѓе кои сочувствуваат со една мајка, која го изгубила својот син единец, и ќе преземете нешто како просветен инспекторат да ги казните професорите, како порака до другите професори во иднина да се однесуваат професионално и хумано.

Снеже Магероска, професор во Прилеп

Loading