ЗАСИЛУВАЊАТА ПРЕД ВРАТА НА 11 ОКТОМВРИ

Фудбал: Проектиран конкурентен прволигаш

Се задржува сé што вредеше од минатата сезона

Големи се очекувањата во дебитантската прволигашка сезона за 11 Октомври. Навивачите посакуваат тимот да стане “хит”, а тоа не е неостварливо, со квалитетот на кадарот. Во управата, стручниот штаб и меѓу играчите има акумулирано богато не само прволигашко, туку и меѓународно искуство, така што највисокиот ранг не е нешто непознато. Идните конкуренти, првакот Шкендија, потоа Металург, Ренова, Работнички, Силекс, Турново, Тетекс и Брегалница, знаат дека наесен ги чека “жежок” терен во Прилеп. Целта е стабилен прволигаш. Одиме на што подобар пласман ≠ вели Сашо Иваноски, претседателот на 11 Октомври. На ред е составувањето на тимот. Најавени се неколку засилувања. Извесен е странец, прв во историјата на клубот. Во минатото немало потреба од таков калибар фудбалери, туку клубот се потпирал само на домашни играчи. Не е одлучено, но не е исклучено да земеме странец. Опцијата е можна, ако не најдеме соодветно домашно решение за некое место во тимот ≠ појаснува Иваноски. Клубот може да одбира, оти се нудат многу играчи. Разбирливо е, ако се знае дека 11 Октомври минатата сезона беше најорганизираниот тим не само во втората, туку и во Првата лига. Имињата на новите се очекува да бидат објавени наредната недела, откако ќе завршат сите формалности. Наесен мора да сме посилни и затоа нужноста од новите. Од друга страна, трансфер листата за неколку дена ќе ја изготвиме и на неа се наоѓаат првотимци кои не се изборија за место или помлади на кои има треба калење во други средини ≠ најави Иваноски. Нема линија која нема да се освежи. Почнувајќи од голманското место каде добри беа Коруновски и Кебакоски, преку одбраната со Димитриоски, Данилов, Ф. Мирчески, Иваноски, Рутески, средниот ред со повредениот Мегленски, Кулески, Петрески, И. Мирчески, Ацески, Дунимаглоски, нападот со Мојсовски, Димитровски, Гешоски… Го здржуваме вредното од пролетоска. Нови доведуваме на сите линии. Посилната конкуренција носи квалитет на прволигашката сцена ≠ заврши Сашо Иваноски. По куп победата на 2 јуни над третолигашот Големо Коњари со 8≠1, одморот за екипата на тренерот Николче Здравески ќе трае до 15≠20 јуни, кога е предвидена прозивката на 11 Октомври.

Симеон Здравески среќен гледач

Последните награди од ФК 11 Октомври и спонзорот Елит кафе се за младиот гледач Симеон Здравески, кој беше на фотографијата во минатиот број од весников. Доби убав чадор, неколку пластични садови и кафе пакет. На мечот со Влазними бев гледач, а обично сум во друга улога ≠ играч. Тренирам во младинскиот тим на 11 Октомври, на позиција бек. Среќен сум за прволигашкиот статус. Заслужи составот каде има одлични играчи. Данилов е “карпа”, но и сите други придонесоа. Наесен пробиваме горе на табелата ≠ вели Здравески.

Стадионот пак градски

Јавноста многу се интересира за иднината на стадионот “Гоце Делчев”, но официјални информации нема. Упатените велат дека по повеќегодишно издавање под концесија, има изгледи објектот да се врати под капата на градот. Според името и сопственоста ≠ Градски. Се шпекулира дека ќе почнела доградбата со покривање на новата трибина и придодавање нова зад источниот гол, но нема потврда. Засега добро е што теренот со помош на 11 Октомври е вратен во одлична состојба, рамен како тепих и затоа не случајно, тука се одигра баражот и финалето од Купот.

Loading