ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ КАКО ПЛЕБИСЦИТ

Плебисцит е организирано изјаснување на народот по некое прашање. Разликите меѓу референдумот и плебисцитот се мали, при што референдумот почесто се применува кога се во прашање законите, а плебисцитот е во врска со изјаснувањето за обликот на владеење или некое друго важно прашање. Граѓаните се изјаснуваат со ДА или НЕ.

На петти јуни се случи плебисцит. Граѓаните растоварени од идеологија и изборни програми излегоа на избори да се изјаснат за или против Никола, односно Бранко. Ваквиот начин на изјаснување го испровоцираа големите партии со нивните кампањи, кои, за жал, беа на ниско ниво. Дел од граѓаните лесно го прифатија овој стил, понесени од еуфоријата дека се решава за да се биде или не. Пак ја голтнаа мамката.

Се случи посакуваното на двете големи партии – да исчезнат помалите политички конкуренти. И волкот сит, и овците на број. Нема нишо спорно, но нема ниту добро. Демократскиот амбиент е осиромашен и нарушен, а со тоа ќе ја снема и не малата корист која ја имаа големите од, не ретко, добрите идеи и предлози на малите, кои редовно со мала модификација беа присвојувани.

Сега се разговара за победници и лузери. Патетично. Победниците беа познати уште пред стартот на кампањата, а тоа се двете големи политички машинерии кои легитимно ја продадоа, не знам по којпат, приказната дека сега се одлучува за живот или смрт, а граѓаните лесно ја купија. И тука не застанува приказната. Сега, оние кои нема да владеат, повторно преку нивните партиски војници ја шират небулозната приказна дека народот не е свесен и направил грешка и дека со Македонија е готово. Целта е да се минимизира поразот. Во прилог ја парафразирам изјавата на нивниот лидер. Народот секогаш е во право, па дури и тогаш кога греши. Победниците се на поголеми маки. Најверојатно, прво неминовна ќе следи внатрепартиска чистка по лошиот резултат, спореден со очекувањата. Второ, огромна корекција на начинот на водење на државата, посебно, во трошењето на буџетските пари. Доколку не се случат овие дејствија кај победниците, следните избори за нив ќе бидат сериозно неизвесни.

Но, ова се нивни проблеми и мене, искрено, не ме интересира. Загрижен сум за капацитетот на македонскиот гласач, моќта да препознае идеологија во политичката понуда. Не можам да предвидам до кога ќе трае овој начин на навивачко изјаснување како на фудбалски натпревар. Дури има случаи на гласање за инает на комшијата со кого не сте во добри односи. Несериозното сфаќање на изборите од добар дел од гласачите, не само што делумно го делигитимира победникот, туку го загрозува и демократскиот процес. Но, за тоа вината не е само во таквиот тип на гласачи. Огромен дел од вината припаѓа и на медиумите.

Овие избори беа класичен пример за медиумски терор врз сите неистомисленици со нивните политички фаворити и врз сите нехипнотизирани граѓани. Оние хипнотизираните, партиски определени, имаа свои тв канали и пишани медиуми, па си живееа во својот свет нетрпеливо, очекуваќи ја победата. Оние кои сакаа да се информираат и го користеа далечинскиот управувач, за разлика од хипнотизираните, беа безмилосрдно контаминитрани од дезинформации и меѓупартиска нетрпеливост што вроди со плод. Стекнаа впечаток дека е време на дефинитивна одлука за опстанокот на државата и дека изборот е ограничен на двете партиски машинерии. Резултатот е познат.

Денеска гледано со бистри глави ништо не се промени. Нереформираната левица не само што ги изгуби изборите, туку и го постигна својот максимум со оваа раководна гарнитура што дава да заклучиме дека редовно ќе ги губат и секои наредни избори доколку нешто радикално не променат во својата кадровска и идеолошка политика. Поточно, со овој лидершип и немање автентична идеолошка платформа, растоварена од популизам и празни ветувања ќе и овозможат на десницата комотно да владее уште доста долг период. Што се однесува до помалите политички партии, престои период на реален опстанок. Оние кои функционираа на популистичка база и беа дел од некаква византиска игра на големите, најверојатно, ќе исчезнат од политичката сцена. Другите, кои излегоа со своја реална и идеолошки поткрепена изборна програма, ги чека макотрпна работа да ги убедат граѓаните дека она што го нудат е вистинска алтернатива на моментната биполарност. Времето ќе покаже дали ќе успеат во тоа или, во најлош случај, ќе згаснат политички. Можеби, во иднина, ќе ја научат лекцијата и ќе ја заборават непотребната суета и надценетост, па на реален предлог за формирање на предизборен трет блок ќе одговорат позитивно.

Игор Димески

Loading