ВИСТИНАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО 1994 ГОДИНА

(Повод за ова писмо е интервјуто на г-динот Петар Василески во Зенит од 22 април 2011 г. за случувањата на изборите во 1994г.) Г-дине Василески, прво што требаше да кажете е дека тие избори, организарани од тогашната власт на СДСМ беа фалсификувани. Тие се најкриминалните кои до сега се одржале во независна Македонија. Триото фантастико наречено Сојуз на Македонија (СДСМ, ЛП и СП) по бојкотот на опозицијата во еднопартискиот парламент 1994 – 1998 г. ја растури Македонија како што велат Србите “као беба звечку”. На каубојски начин беше прекроен избирачкиот список со префрлање на цели избирачки места од една, во друга изборна единица. Г-дине Василески, сигурно се сеќавате дека на денот на изборите, во седиштето на Демократската партија Прилеп, дојдоа стотина револтирани граѓани, барајќи да интервенираме на фалсификатот. Дали се сеќавате дека дојдоа Џумерко и Москово и не пратија по ѓаволите. Тие со години гласале во ИЕ 53, во Цвеќарата, на педесетина метри од дома, а ги пронајдовме на ИЕ Пожарна, оддалечено два километри од Цвеќара. Бојкотот или повлекувањето на кандидатурите во вториот изборен круг беше демократски чин, кој, за жал, “демократска” Европа го гледаше со очи “широко” затворени. Накусо за исчезнувањето на Демократската партија. Оној кој ја формираше, тој на крајот и ја погреба. Петар Гошев кога се фати на оро со човек од типот на Стојан Андов и “пиша крст” на партијата. Либералната партија на Стојан Андов во интервју за ТВ Прилеп јавно призна дека изборите во 1994 г. биле фалсификувани. Да бркаш политика со Столе е рамно на политичко самоубиство. Пријателе Пеце, ако напишаново не е вистина спремен сум јавно да ти се извинам. Благодарам за отстапениот простор.

Ордан Спиркоски – Земјата,

кандидат за пратеник од Демократска партија -1994г.

Loading