СВЕЧЕНО ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА ОПШТИНСКА ЗГРАДА

Намерата за подобрувањето на комуникацијата на општинската власт со граѓаните и ограничените просторни капацитети, беа причина на 1 август 2008 година да се постави темел на новата современа општинска зграда. Со заедничка заложба и поддршка од Владата, на вториот ден на Велигден, се пушти во употреба. Присуствуваа премиерот Никола Груевски, архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, министри, пратеници, јавните и научни институции, советници, стопанственици, граѓани. За реализацијата на проектот инвестирани се 1,8 милиони евра, од кои околу 89 милиони денари се средства од Буџетот на Општината. Владата издвои 20 милиони денари. Прилеп доби современа, модерна, функционална и репрезентативна градба која е во служба на граѓаните. Новото решение и функционалната просторна организираност, особено отворените канцеларии, од океански тип ќе придонесат кон приближувањето на администрацијата до граѓаните преку унапредување на меѓусебната комуникација и зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и навремената и квалитетна услуга за задоволување на потребите. Остваруваме капитална инвестиција која значително ќе ги подобри условите за живеење, во насока на креирање и развој на една постојана комуникација и навремена услуга кон граѓаните. Доследно се применуваат европските стандарди во насока на имплементација на современите трендови кои се од особен интерес за развојот на градот и подобрување на услугите кон граѓаните – рече градоначалникот Марјан Ристески. Во текот на мај ќе биде преместена општинската администрација во новата зграда и тоа сектор по сектор да не се дозволи застој во услугите.

ОКЕАНСКИ ТИП ЗА ГРАЃАНСКИ СЕРВИС

{gallery}opstina{/gallery}

Новата општинска зграда има модерен и функционален карактер, во тек со светските архитектонски трендови за градење на 21 век, организирана со главен влез за официјални лица и за корисниците на услугите преку едношалтерскиот систем, кој за 48 часа ќе ги задоволува потребите на граѓаните, и посебен влез за вработените. Современата и модерна градба претставува една функционална целина која обединува неколку делови со различни намени. Репрезентативен дел, во кој е сместена собраниската сала, помошната просторија за новинарите и репрезентативно фоаје. На првиот кат се сместени канцелариите на раководителите и еден поголем простор за архитектонско студио кое што функционира и работи за потребите на локалната самоуправа. На последниот кат сместен е репрезентативен простор за градоначалникот со дел за работни состаноци и дел за неформални средби, меѓу себе функционално поврзани. Во делот за контакт со граѓани преку едношалтерски систем застапени се сите сектори и канцеларија за поединечни средби со заинтересираните граѓани. Во административниот (работен) дел ќе бидат сместени сите вработени. Овој простор е поделен на неколку функционални целини. Секторите се организирани во поголеми канцеларии со работни простории за вработените од океански тип и помали затворени канцеларии за раководителите на одделенијата. Во вечерните часови, впечатливоста на градската куќа ќе ја надополнува специјалното осветлување.

НОВО РУВО НА ОФИЦЕРСКИ СО ПОВЕЌЕ ЗАНАЕТЧИСКИ РАЦЕ

ЈП за ПУП и архитектот Методија Зајкоски го изработија проектот. Повеќе прилепски фирми го адаптираа просторот, доградуваа… Градежното претпријатие Карпа е главен изведувач, Еуротерм се погрижија за инсталирање на системот за греење и ладење, Ново Градба беа одговорни за партерното уредување на просторот околу зградата, а фирмата Дени – Мебел се погрижи за ентериерот во зградата.

Огромна икона на Свети Никола

Икона на Свети Никола во димензии од 200х125 сантиметри веќе ја краси аулата на новата градска куќа. Иконописецот Орде Стамболџиоски е авторот на грандиозната креација, која ќе ги бодри и храбри, не само административците, туку и граѓаните кои ќе имаат потреби во новиот објект на локалната власт. На Стамболџиоски му било предизвик да твори икона за патронот на градот, која ќе ги варди и чува од лошо граѓаните. Првпат сликам толку големо уметничко дело. Големината и светецот ми дадоа посебна инспирација и творечка моќ да не ги оставам четките и низ боите на старите мајстори, да сликам едно ново изадние за видување за благодет на сограѓаните – вели Стамболџиоски. Веќе неколку години, прилепски заштитник е Свети Никола. 

Loading