АПЕТИТЛИИ ЗА ПРАТЕНИЧКИ ФОТЕЛЈИ

Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 5 јуни, политичките партии ги токмат “тркачите”. Од партиски извори ги дознаваме имињата на прилепчаните кои го посакуваат пратеничкото столче. Од ВМРО-ДПМНЕ кандидатите кои се надеваат дека ќе ги исполнат очекувањата на граѓаните се членовите на највисокото општинско партиско раководство: координаторот Гоце Ингилизов, претседателката на жените Соња Блажеска, претседателот на советот Димитар Стеваанџија и членовите на општинскиот комитет Ана Лашкоска, Анастасија Илиоска, Златко Димоски. За континуитет, од стариот во новиот пратенички состав претендираат Катерина Димеска и Панче Дамески. Не е исклучено на пратеничката листа да се најде и актуелниот градоначалник Марјан Ристески. И опозициската СДСМ планира да оди со општинскиот “крем”: претседателот Илија Јованоски, секретарот Звонко Јованоски и претседателката на жените Еленче Ташкоска. “Маја” во парламентарниот дом сака да е Горан Сугарески. Се шпекулира дека во потесната трка за избор, која треба да ја аминува лидерот Бранко Црвенковски, се и имињата на Лилјана Неделкоска, Александра Илиеска, Филип Секулоски и Менде Николоски. Дознаваме дека сами писмени кандидатури директно до централата во Скопје, испратиле Тони Петрески и Елица Азманоска.

Велеска и Апостолоски на листата на ВМРО – НП

ВМРО – Народна партија прва ги објави носителите на листите за шесте изборни единици. Носител на листата во нашата изборна единица, во четвртата е генералниот секретар на партијата Миле Јакимовски. Низ кулоарите се зборува дека на листата кандидати за пратеници од градот ќе се најдат Никола Апостолоски и Светлана Велеска.

Loading