БЕГСТВО ОД КНИГА КАКО ЃАВОЛ ОД ТЕМЈАН

Интернетот, фејсбукот и телевизорот потполно ги заменија и запоставија книгите. Подолго време веќе никој ни на училиште ни на друго место не зборува за некое дело, лектиира која му се допаднала или лик во кој се пронаоѓа од некој роман. Можете да слушнете муабети за сé и сешто, ама за книги никако. Многу повеќе “кул” и “ин” е времето, место да прочиташ книга и да научиш нешто, да го трошиш по кафетерии, да застанеш зад училиште со цигара, да играш кантер, да денгубиш на фејсбук. Можеби грдо звучи, ама така е. Сте слушнале некој да коментира “освен лектири за на училиште, децава ништо не читаат”. Сега децата не знаат ни која им е лектира, а не да арчат време за бадијала со друга белетристика, башка од лектирата. Имаа “попаметна” работа – сурфање по интернет. И за лектирите најдоа марифет. Се снаоѓаат со тетратка од минатите генерации, со Ресавска школа, со препишување. И сé е токму – тамам. Ако некој посака подлабока да навлезе во лектирата, чаре му се цедетеките. Таму има филмови за секоја лектира. Благодарение на нашава “вештина” и на самоувереност дека сé знаеме, речникот на повеќето ученици е за никаде. Пострашно е што тоа никого не го загрижува. Кога не ќе знаат термин да употребат, се дрзнуваат и се смешкаат на реакциите на наставниците и професорите. Но, врват деновите. Сегашните ученици ќе станат возрасни луѓе. Тогаш не ќе знаат во која дупка да се пикнат, заради тоа што не умеат уста да отворат. Ако се охрабрат и да зинат, ќе се открие колку се образовно шупливи. За отфрлањето на книгита на младите влијаат и постарите кои воопшто не ги насочуваат на читање литература. Ама се случува да има и ретки млади кои читаат. Ја посетуваат библиотеката, земаат книги и слободното време го користат читајќи. Ваквите поединци немаат време за губење и за “трошење” во некорисни работи. Откако нечитањето станува се посериозен проблем и зафати универзумски димензии, се отворија различни кампањи, саеми на книги промоции…, кои, да се надеваме, дека ќе придонесат за доброто на младите и на граѓаните воопшто. Оние кои читаат ја знаат убавината и вредноста на книгите, а оние што уште непочнале, без страв да се нурнат се во тајните на книгата. Нека учат, нека откриваат и осознаваат, зашто само така ќе зачекорат по патот за понатамошен успех и себеизградба.

Loading