ЗБОРОВНА ПОРЦИЈА СО АФИРМАТИВНА МЕРКА

Тричлен тим на афирмативци и исто толкав Тим на негативци во еден од кабинетите на гимназијата “Мирче Ацев” дебатираа за македонскиот јазик како еден од групата јазици на кои му треба поткрепа од младите генерации да се негува. Се сложија дека странските зборови, дијалектизми, сленгови, жаргони, ако без мерка се употребени, може да го разнишаат коренот на јазикот. “Негативците” се задржаа на законскиот дел, лекторирањето и примената на казнените одредби од законот. Јазикот не е затворена просторија која не се проветрува. Се менува под влијание на дијалекти, странски зборови. Но, се знае законот за јазикот и нормираното за јавно општење – забележа младите, посочувајќи дека на секој чекор надвор, се среќаваат зборови кои дирекно влијаат на коренот на македонскиот јазик. Тимот на афирмативци рекоа секој има право да се изрази како што сака. Потребни се и телевизиски емисии, синхронизација, соодветни преводи, толеранција каде тоа е можно. На пример, при интернет и мултинационална комуникација. Споредете го говорот и изразот на Стојан Андов, Теута Арифи и Флора Кадриу! Жаргонот на некои академци не може да се толерира. Зборовниот израз го покажува интелектот, писменоста, образованието – рекоа гимназијалците. Јазикот како жива материја треба да се негува. Треба да се почитуваат нормативите и да се позајмуваат зборови со мерка. Има зборови кои се патентирани, на пример, телефонот – забележа професорка. Прво родителите, па образованието треба да ги стави јазичните темели и ѕид. Потоа следи внимателно мисловно негување и прифаќање нови зборови. Граѓаните свесни се дека израснале генерации со бушава азбука, говорете македонски, лексикомански емисии, јазични катчиња по весниците, како една алка која го држи синџирот на македонскиот речник. Дали јазикот послужен на порција на телевизија, сервиран на децата, не ги ограничува и прави конзервативни – праша присутен на трибината. И додека се полемизираше дали правилно е известување или информирање, личен сметач или компјутер, собрание или парламент, фаст фуд или брза храна…, борбата со зборови ја заклучи со две букви професорка која случајно ѕирна од вратата и праша: “шо се случува…?!”

Loading