НЕРЕГУЛАРНИ ИЗБОРИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИ ВО ОГРАНОКОТ “КОРЗО”

Отворено писмо на м-р Димитар Стојкоски

Огранокот “Корзо” како и сите останати ограноци на Здружението на пензионери од Прилеп добија образец за содржината на дневниот ред за изборите. Една од точките на дневен ред, беше разгледување на Извештајот за работата на Здружението на пензионери – Прилеп во периодот од 2007 – 2010 година. Извештај требаше да го изработи Претседателот на Здружението на пензионери Кирил Ѓорѓиоски и да го достави до сите ограноци на Здружението. За жал, извештај немаше. Според доставениот формулар до ограноците, требаше да се разгледа и да се дискутира по непостоечки извештај. Апсурд и нелогичност. Во огранокот “Корзо” се случи скандал пред закажаните избори и на изборите на 11.02.2011 г. За предизборниот, еве еден случај. Неколку дена пред изборите, во мојот стан дојде пензионер (пријател) на Тошко и ми се обрати со следните зборови: “Да не одиш на собирот, закажан на 11.02, оти сé е договорено односно, делегати за членови на Собранието на здружежението на пензионери, ќе бидат Тошко и д-р Ристески. Го спомна и името на новиот претседател на Огранокот “Корзо”. Не му го запомнав името. Ова ми го соопшти пријателот на Тошко со цел да не присуствувам на Собирот да може Тошко, сценаристот и режисер, полесно да ја реализира валканата игра во негова полза. За време на одржувањето на Собирот, наместо вообичаеното присуство на 10 до 15 членови пензионери на Огранок “Корзо”, присуствуваа над 50 пензионери меѓу кои и од други ограноци од Здружението на пензионери и од инвалидското здружение на пензионери – Прилеп кои не сакаа да го напуштат Собирот. Тоа беше спротивно на Статутот на Здружението на пензионери.

Предложив одложување на Собирот после одредувањето на просторија во која ќе може да се работи во нормални услови. Собирот не прифати. Нивниот предлог беше собирот да се одржи во поголема просторија – магацин, во близина на клубот на огранокот “Корзо”. И тоа по секоја цена. Кога почна со работа Собирот, беше избран записничар. Во истиот момент се јави еден силеџија, кој за првпат присуствуваше и самоволно ја презеде улогата на записничар. Реагирав на сите случувањата кои беа во спротиност со одредбите од Статутот на Здружението на пензионери – Прилеп, но не го напуштив собирот да ги видам сите актери, вклучени во валканата игра. Иако не постоеше Извештај за работата на Здружението и познавајќи ја ситуацијата и активностите, се јавив да го информирам Собирот за актуелната проблеми и работата на Здружението. Од неколку нечленови пензионери ми беше сугерирано дека во просторијата нема осветлување и дека треба одма да се премине на гласање. На присутните им укажав дека нив не ги интересира да спроведат легални избори во согласност со Статутот на Здружението на пензионери, туку се дојдени да ги изгласаат на нестатутарен начин, однапред нивните договорени личности. Дека е ова сето за вистина, потврдува фактот што најголемиот дел од присутните беа против одлагањето на собирот со образложение дека нема во толкав број да се соберат, доколку се одложи собирот.

При предлагањето кандидати за членови на Собранието на Здружението, Љубен Димески, член на инвалидско здружение на пензионери и за кандидат – делегат во Собранието го предложи Тошко. Се обрати со зборовите “ајде гласајте”. За појаснување, инвалидското здружение на пензионери е посебно здружение од Здружението на пензионери – Прилеп.

Од особена важност е да известам за личноста, Љубен Димески. Тој е личен возач на претседателот на Здружението на пензионери Кирил Ѓорѓиоски, кој со својот автомобил го вози на службени патувања. Не ми е позната висината на надоместокот за извршената услуга. Најважно за нерегуларноста е тоа што Љубен Димески е член на инвалидско здружение на пензионери – Прилеп.

На крај, уште една нерегуларна постапка. Имено, според член 43 од Статутот на Здружението, Собирот го утврдува бројот на членовите на Одборот. Собирот одлучи одборот да брои пет члена. Следниот ден бев известен дека петте избрани члена се состанале и избрале претседател на Огранок “Корзо”. Донесле одлука, бројот на членовите на Одборот да се зголеми од пет на седум члена. Карактеристично е што претседателот на “Корзо” беше само нем набљудувач и не интервенираше на повредите од Статутот. Прифаќаше сé што ќе се предложеше нестатутарно од присутните пензионери и се доби впечаток дека претседател кој раководи со нестатутарниот состанок е Љубен Димески, односно Тошко.                         .

На 15.02. го посетив раководството на Здружението на пензионери – Прилеп, во состав Кирил – претседател, Кирил – книговодител и Боше – благајник. Им соопштив за настаните. За мое големо изненадување, тие молчеа и не коментираа со ниту еден збор. Зато, произлегува заклучокот дека во целост ги поддржуваат и одобруваат кога не ги критикуваа настаните во спротивност на Статутот.

Врз основа на изнесените факти и аргументи кои се случија пред и за време на изборите, би требало да се поништат нестатутарните избори во “Корзо” и да се предложат нови кандидати за члениви во Собранието на Здружението – Прилеп, кои не учествувале во валканите изборни комбинаторики. Со писмово се информираат, членовите на Здружението на пензионери – Прилеп за својот претседател Кирил Ѓорѓиоски кој беше на чело на пензионерската организација во претходните две години и има амбиција да го раководи Здружението и во идните четири години.

м -р Димитар Стојкоски

Loading