ВИТАМИНКА СЕ ЗАКИТИ СО ПРИЗНАНИЕ ОД НАТО МИСИЈАТА ВО БРИСЕЛ

Доближување до трпезите на НАТО војниците

Офанзива до десет милиони евра извоз

Македонската мисија во НАТО во Брисел í додели на Витаминка признание за успешна соработка и учеството на прилепската реномирана компанија на НАТО базарот во седиштето на алијансата. На претседателот на управниот одбор на Витаминка Симон Наумоски, признанието му го врачи потполковникот Душан Станков. Тој изрази задовлство што во името на Министерството за одбрана и за надворешни работи ја имаше честа да ја додели благодарноста за ефектната презентација на дел од проиводствената програма на Витаминка на НАТО базарот во 2010 година, каде учествувале производители од земјите членки на северно атланскиот пакт. Се промовираше државата не само од аспект на воените активности како долгогодишна членка на партнерството за мир, туку покажавме дел и од македонските производи, односно капацитетите и можностите на Македонија. Очекувам соработката да биде плодотворна -рече Станков. Наумоски изрази благодарност за нашата мисијата на НАТО во Брисел и за шефот Мартин Треневски. Витаминка третпат учествува на базарот на НАТО со три групи производи и е презентирана речиси целата производствена понуда. Учеството е потврда за третманот на НАТО кон Витаминка. Квалитет и можностите се услов за учество. Еден од аспектите е хуманитарниот, зашто пратените производи имаат и хумана димензија да обезбедат скромни средства во име на Витаминка, кои понатаму се делат во хуманитарни цели во светот. Втор аспект е што чиниме реклама на асортиманот пред старешините на НАТО. Негуваме надеж дека следните години ќе успееме нашите производи да бидат присутни на трпезите на силите на НАТО низ целиот свет, зашто базарот е можност за освојување на нови пазари. Во секој случај, се обидуваме да се шириме. Витаминка ќе продолжи со поддршката во оваа насока – рече Наумоски, кој нагласи дека Витаминка се модернизира, за пивисока продуктивност за квалитет и пониски цени.

Извоз пред сé

Витаминка лани помина со извозот околу 8,8 милиони евра. Тоа е 40 отсто од производството. Главно пласира во земјите на поширокото ЈУ подрачје. Другиот поголем дел се Австралија и Северна Америка, а третиот дел, кој сé повеќе се шири и интензивира, ги опфаќа земјите на ЕУ и скандинавските земји и дел на Блискиот Исток. Тенденција е да останеме на двата пазари – австралискиот и американскиот, вклучувајќи го и ЕУ. Клучната определба годинава е да се помине границата од десет милиони евра на странските пазари. И тоа на пакувани производи од пет грама до максимум килограм – ги најави Наумоски претензиите во пласманот во странство. Витаминка никогаш не ги заокружила инвестициите. Секоја година одвојува средства во зависност од можностите, од околу милион до два милиони евра, па нагоре до четири – шест. Инвестициите се во постојана динамика. Следниот зафат е вложување во нова фабрика за чоколада, бидејќи постојните капацитети работат четири смени, а стануваат тесни за потребите, диктирани не само од надворешниот пазар. Новиот погон треба да “никне” и да се стави во фукција во 2012 година. Паралелно ќе има инвестиции од помал обем во во снексите – флипс и сл., нови линии, асортимани и модернизирање на постоечките. Следните инвестиции од сопствени средства и од кредитите се некаде околу седум – осум милиони евра. Тоа е неопходно за зголемување на продуктивноста, стабилизирање на квалитетот, ширење на капацитетите… Ќе ги реализираме, доколку не се појават некои кризни моменти – рече Наумоски.

НЕ СУМ ОПТИМИСТ ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ЦЕНИТЕ

Наумоски соопшти дека најкризни биле 2008 и 2009 година. Траги имало и во 2010. Мислевме дека светската криза одминува и останува зад нас во историјата, но во второта половина лани се случија нови потреси. Тоа беа невидениот раст на цените на репроматеријали на светските берзи. Таа тенденција продолжува. Поради недостиг, поскапува какаото. Кина и Индија повеќе се отвораат и користат такви суровини. Второ е, настаните од воена природа, немирите во Брегот на слоновата коска, земјата која е најголем производител на какао во светот. Таму има и некои вирусни заболувања на какао растението, што создаде дополнителни проблеми. Цената на шеќерот расте и не се знае до каде. За една година порасна за 40 еуро центи по килограм. Замислете колкаво е тоа учество за фирма која користи три илјади тони шеќер. Третиот проблем е цената на сончогледовото масло. Знаете колку поскапе маслото за шест месеци. Четвртиот елемент е цената на пченицата. Каде е цената на брашното денес, која е цената на пченицата на берзите? Причините се поплавите, пожарите во Австралија, малиот род итн. Има и други суровини кои одат нагоре со цените со вртоглава брзина. Така е со нафтата која стигна до 102 долари по барел на лондонската берза, а тоа се одразува кај нас со раст на цените на нафтата и бензинот, потоа на амбалажите. Не сум оптимист дека ќе се смират цените до крајот на јуни. Би биле пресреќни да запри, и ние да заприме со размислувањата за покачување на продажните цени. Не успеваме да ги компензираме зголемените трошоци како импути и финалните производи. Многу фирми имаат посилен интензитет на раст, визави темпото на продажните цени. Значи финале, профитот од август е послаб во однос на проекциите. Последните шест месеци лани загубивме бруто профит од 650 – 700 илјади евра. Тоа ќе се реперкуира на развојот. Најприоритетно е одржување на ликвидноста, односно развојот – рече Наумоски.

ЕДНАКВИ СО СТРАНЦИТЕ

Не сме инфериорни со странските инвеститори, оти не е проблем да добиеме кредити од било која банка. Земањето го насочуваме да имаме слободен простор за плаќање, без последица, да не ја блокираме фирмата со обврски, да не го блокираме тековното работење, да не ја доведеме до неликвидност – изјави Наумоски кој го поддржува мислењето за субвенционирање на извозот.

Loading