ДА ГИ НАДМИНЕМЕ РАЗЛИКИТЕ!

За Нова година, да се обидеме да се потсетиме на нашите славни предци, на Ѓорче Петров, Пере Тошев, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски – Питу и плеада други горди прилепчани, кои низ историјата оставиле неизбришливи траги, жртвувајќи се за подобар живот на народот и поголема слобода и достоинство на идните генерации. Да живееме како едноставни личности, кои ги бранат своите ставови и убедувања, со свој персоналитет, а дури потоа како членови и симпатизери на различни политички партии. Се обраќам како интелектуалец, чувствувајќи одговорност пред Господ, пред своите деца, пред своите морални начела и пред моите сограѓани, со молба да бидеме повнимателни кон сите, кон децата, кон брачните другари, кон роднините и пријателите, кон комшиите…, подеднакво и кон Македонци и кон Роми, кон Турци и кон Бошњаци, кон Албанци и кон Власи, кон Срби и кон Бугари, и кон сите други различни националности и религии. Да престаниме политичарите да ги третираме како мали или големи “богови” и поради нив не смееме да заборавиме на личната гордост, самопочит и достоинство,кои ги краселе нашите предци низ вековите. Посакувам да бидиме единствени за името на нашата татковина, Македонија, да не прифаќаме да го продадеме името на народот – македонски и да останеме горди на исконското право да се нарекуваме Македонци. Во Новата 2011 година, посакувам многу сила и издржливост, добро здравје, прифатлива егзистенција, заедништво и просперитет во семејството и општеството, и што поголем број радосни моменти со најблиските.

Др. Јохан Ѓорѓиоски

Loading