СЕЗОНСКИОТ МАРШ НА ПИНГВИНИТЕ

Колку што е прекрасна, толку е и смешна глетката на лулање на пингвините да дојдат до ветениот морски брег при сезонскиот марш. Што се важни таму некојси избори. Треба да се располага со голема дрскост, да се зафатат со недемократски методи на уривање, а се носители на историско зло. Сé наликува на една “модерна малограѓанска свадба”, каде што тие никогаш неможат да седат и ништо да не прават, иако инаку ништо не направиле. Време е кое не се разликува од трагичното на нивните претходници, со ист вокабулар полн со застрашување, ветувања и лаги. Во генот на политички код им е репресијата. Пет децении, комунистичка власт во Македонија создаваше јаничари со специјални програми за потиснување на националниот идентитет. А имаат и солидна база на наследници. “Од секое племе не бидува држава” – рече и стана “државник” на тоа племе. На патот за Охрид, на рамковниот договор, на прашањето, “што ќе се случи со Македонија”, тој изјави дека го болело нешто за Македонија. Го назначи за министер за надворешни работи на тоа племе човекот кој изјави дека “Македонија ќе биде самостојна, но само без мене”. Да потсетам, тоа беше професорот Денко Малевски. Другиот “државник”, кој заедно со Изетбеговиќ ја кроеја платформата за зачувување на Југославија, им порача на Грците дека немаме ништо заедничко со античките Македонци!? Треба да си класичен чудак да се откажеш од нешто што историски ти припаѓа. Некои држави присвојуваат туѓи истории да ја изградат својата, а ние великодушно ја подаруваме нашата историја, култура и писменост на другите. Очигледно, немаат намера да ја остават Македонија да се изгради како држава. Зафатени од самоуништувачки синдром, зборуваат за неизбежниот компромис.        Слепото верување во Европа е погубно за македонскиот идентитет и нација. Промената на името е само почеток на разобличување на Македонија. Ќе следуваат многу етапи при преговорите со ЕУ, при што, на секое скалило, Македонија ќе губи по нешто од својот идентитет: правосудство, образование, малцинство, и тн. До крај на преговорите Македонија ќе се престори во територија без лице и содржина. Да се затворат многуте прашања меѓу Бугарија и Грција (па и Албанија), за нив заемно прифатливо решение е да не постои Македонија. Дали мислат така како што и пишуваат разни пискарала од типот на Геровци, Милчиновци и др. Можеби се опиени, алчни или поткупли. Тоа е веќе национално предавство.Или пак мислите им се фабричка мана, па произведуваат шкарт. Луѓето кои мислат дека Македонија нема шанса да го зачува името и идентитетот, да се отстранат од позицијата на власт или да не им се дозволи пристап до власта. Во политичката памет не смее да се напушти националната програма и чувството за автохтоноста на историски мачно, спечалената културна идентификација. Вистински проблем е што на нашата историја веќе и е смачено од нас, од разни компромиси, помало зло, плашливи дејствија, простувања. Кај нас историјата е сé уште политика, а политичарите буквално историски се неписмени. За нив историски континуитет, споменици, музеј на македонската борба, не се битни, иако сето тоа ја засилува и одбраната на уставното име. За нив е битно како да се вратат на власт. Македонија да се натера на доброволна капитулација. Таква перверзија немало, дури ни за времето на Хитлер. Уставното име не е стока за менување или продавање, та да се зборува на европскиот пазар. Идентитетот го вклучува и името, и јазикот, и историјата, и културата, и моралот, и однесувањето на нацијата. НАТО и ЕУ можат да бидат само средство за заштита и разоткривање на македонскиот идентитет, а не нејзина алтернатива. Ако постои волја, Македонија да се доизгради како држава, крајно време е да се мисли на потребата партијата која се заканува со недемократски методи и промена на името да се стави надвор од законот. Неговиот говор покажа однапред трасиран ќорсокак. Може да ги лаже само тие кои сакаат да бидат излажани или им е потребна лажна надеж. Лидер е тој што умее да ги следи луѓето, а не тие него. Очекував на маршот на демократијата, СДСМ да има доблест да се извини на македонскиот народ за сé што му направиле нивните претходници и сегашниве нивни наследници (континуитет) и да прифатат одговорност. Партијата, во вистинка смисла, ќе се реформира, ако прво се расформира. Нивната победа е дефинитивен пораз за Македонија. Вие нема да исчезнете како да не сте постоеле. Ќе исчезнете како да сте постоеле. А тоа не е исто. Потребни се луѓе кои во името на Македонија ќе бидат подготвени да издржат секаков притисок и да поднесат секаков ризик. Дали има логика барањето предвремени избори, кога се свесни дека сигурно ќе ги загубат. Има. Племенските водачи имаат своја логика. Изборите ќе ги прогласат за нелегитимни, за тежок изборен фалсификат, повторно ќе излезат на улица, следува кодошење по Европа, парламентарни кризи и формирање на Влада на национален спас. Со тоа и оддалечување од евроинтеграциите. Тоа е веќе познат и испробан нивни трик.

Примариус

Д-р Благоја Дамески

Советник

Loading