НАЈПОВЕЌЕ – НАЈПОМАЛКУ

Новинарка на една наша телевизија, испратена во Брисел. Испратена за да не известува од местото на настанот, директно. И еве ја нејзината прва реченица:

– Овде НАЈВЕЌЕ се поставува прашањето…

А сме ја слушале да ја повторува оваа грешка и одовде, од наш терен, без да оди дури во Брисел. Не и е нејзе јасно како се степенува прилогот МНОГУ. Не знае дека позитивот е МНОГУ, компаративот ПОВЕЌЕ, а суперлативот НАЈМНОГУ, а не НАЈВЕЌЕ.

Една нејзина колешка пак, прави уште поголема грешка. Не се сеќаваме во кој контекст беше речено, но таа употребува суперлатив -НАЈПОВЕЌЕ! А дали обратното би било НАЈПОМАЛКУ? Сигурно дека не! Значи, МНОГУ, ПОВЕЌЕ и НАЈМНОГУ, а не НАЈПОВЕЌЕ, исто како што е МАЛКУ, ПОМАЛКУ и НАЈМАЛКУ, а не НАЈПОМАЛКУ.

Имаме многу телевизии, копчињата често ги менуваме од една на друга, па човек не може да запамети секогаш каде ја слушнал грешката. Но, тоа и не е важно. На една телевизија слушавме емисија за водоснабдувањето на Охрид. Откако чувме дека се направиле многу работи, се вложиле многу финансиски средства, Охрид најпосле ќе добиел убава ПИТКА вода. А зошто не – ПИВКА вода?! Тој збор – ПИТКА е изведен од српскиот глагол ПИТИ, НАПИТИ СЕ.

Во нашиот јазик неможе тоа така. Кај нас водата ќе биде ПИВКА, ако веќе не сакаме да го употребиме изразот – ВОДА ЗА ПИЕЊЕ. Придавката ПИВКА е изведена од нашиот глагол – ПИВНУВАМ, СЕ НАПИВАМ. Во српскиот јазик си е во ред. Таму водата е ПИТКА, но кај нас како што рековме е – ПИВКА.

Слушаме на телевизиите емисии од разни области. Меѓу другото, често пати и од областа на медицината. Еден доктор објаснува нешто во врска со брадавиците кои се појавуваат на човечкото тело и често пати создаваат проблеми, физички или естетски. Кажува докторот дека во ваквите случаи станувало збор за определени ГЛИВИЦИ. Зошто докторе?! Зар не знаете дека на македонски тоа се ГАБИ, ГАБИЧКИ?!

Во понатамошното излагање на докторот и за некои други здравствени проблеми, во еден момент тој вели – “Тоа СТРАХОВИТО боли”. Зошто СТРАХОВИТО? Зар не може да се каже дека тоа МНОГУ боли, дека СТРАШНО боли, дека УЖАСНО боли, дека ПРЕМНОГУ боли?! При толку многу наши зборови докторот употребува туѓ збор – СТРАХОВИТО!

Во емисијата го чувме и зборот – ДИСЦИПЛИНОВАН. Докторот вели дека некој пациент бил ДИСЦИПЛИНОВАН. Пак погрешен збор. Именката е иста и во нашиот јазик и во српскиот – ДИСЦИПЛИНА. Но со придавката, не е така. Во српскиот јазик е ДИСЦИПЛИНОВАН, а во македонскиот – ДИСЦИПЛИНИРАН. При крајот на емисијата докторот објаснува нешто за панкреасот. Вели дека панкреасот ЛУЧИ инсулин. Водителката неколку пати повторува дека панкреасот ЛАЧИ инсулин, како да сакаше дискретно да му укаже на грешките, но докторот си тера по свое.

На ваков начин е формирана во српскиот јазик и именката ОДЛУКА и влезена во нашиот јазик. Кога се држеа многу конференции и состаноци, на крајот требаше да се ОДЛУЧИ, да се ИЗЛУЧИ, да се ИЗДВОИ најбитното. Така се донесуваше – ОДЛУКА. Во нашиот јазик, не се разви или не се сакаше да се развие именка ОДЛАКА (од глаголот ЛАЧИ, ИЗЛАЧУВА, ИЗДВОЈУВА) и се позајми српската именка ОДЛУКА. Но, се позајми само именката, никакви други деривати. А сега што ли не слушаме, – ОДЛУКА, ОДЛУЧИВ, ОДЛУЧИВТЕ, за што се ОДЛУЧИВТЕ, ОДЛУЧУВАМЕ и така натаму. Сето тоа е погрешно. РЕШИВ, РЕШИВТЕ, за што се РЕШИВТЕ, РЕШИВМЕ – тоа се нашите зборови. Но, на местото од именката ОДЛУКА не можеме да употребиме РЕШЕНИЕ, зашто таа именка – РЕШЕНИЕ има едно поинакво значење. Од тие причини позајмена е именката ОДЛУКА. Во тие времиња по ослободувањето нашите лингвисти не успеаја да најдат соодветен збор и така именката ОДЛУКА навлезе во нашиот јазик и стана норма. Но рековме, само таа. Ништо друго.

А глаголот ЛАЧИ (ИЗЛАЧУВА) е наш и треба да се користи секогаш кога станува збор дека нешто се дели, се одделува, се отстранува, односно се ИЗЛАЧУВА.

Благоја Ивчески

Loading