ЈАТО ПТИЦИ ЗА ВИСТИНСКА ,,ПРОЛЕТ,,

Шарениот детски свет од улиците и парковите се сели во училишните клупи. Преливаат боите на буквите, бројките, линиите, боичките. Низ лавиринтот на новиот свет на ука на обврски, порано да се стане, раче и запче да се измие, за насмевката да биде цела, а радоста весела. Во росна атмосфера со зрак на виножито од желби, да заплива малото прваче. Домот, родителите, градинките, другарчињата, а сега првиот контакт ограничен е со воспитниот полигон на младите – првиот училишен час во првиот реален клас (одделение). Тука се учи за грижата и љубовта. Почитта кон луѓето да се сее за да грее.

По училници ѕунат весело гласови на дечиња како палчиња. Со кротки очиња, гестови на телото покажуваат дека Р личи на бастунче, со С – се соли сланина, О – е обрач истркалан во двор, Е – е витка ела есенска, а Ѕ – училишно ѕвоно што ѕвони… Единката помеѓу орото, балетот и музиката на душата и животот. Што е училницата кога ги нема умните главчиња како сончогледчиња. Би била ливадата без цвеќе, градина без овошје, или игра без бунтовност. Или што би биле соништата без детска фантазија каде исплашените дечиња се кријат, испотените се одмораат, жедните се привилегирани… Преку ритамот на сказните, приказните, сликите, песните, равенките првачето, а и зрелиот ученик развиваат став, култура преку традиционална основа – чесност, умност. Најважно од сé е без крадење, лажење, со свое залагање до вистинско знаење. За детските главчиња и знакчиња за слободно лебдење во виртуелни светови на ,,смајли,, јазиците, каде си плетат мрежа преку интернет жиците. Скромно и достоинствено.

Loading