БЕБИЊА ПОМАЛКУ – ПОВЕЌЕ СТАРЦИ

– Околу 60 отсто од родените се Македонци, а останатите се од малцинските заедници во Прилеп, Долнени и Кривогаштани

Се обистинуваат прогнозите за намалување на наталитетот во 2013 во Прилеп и општините кои се водат за прилепски по старата територијална поделба, Долнени и Кривогаштани. Бебиња се раѓаат сé помалку, а повозрасните лица доживуваат се подлабока старост. Во трите општини се родиле 23 деца помалку годинава, според матични книги. Или лани на свет дошле 1036, а годинава 1013 бебиња. Скулучени се два брака повеќе (лани 477, а годинава 479). Тоа не се рефлектира кај родените. Малку фазлата брачни двојки не се подготвени “да прават деца”. Од друга страна, здравјето го држи повозрасниот дел од популацијата. Од овој свет заминале 93 души помалку од лани или годинава починале 787 лица, а лани имало 880 погреби. Овој податок наведува дека здравствените институции успеваат да го продолжат векот на живот на постарата категорија граѓани.

Овие толкувања и податоци треба да се земат со резерва, затоа што не малку млади заминуваат во странство и таму свиваат брачни гнезда и раѓаат деца. Тешко дека може да се открие колку се такви. Важно е дека оние што остануваат на родната грутка тешко се кандисуваат да влезат во брачна заедница, а уште потешко да создадат потомци.

– За родени ги евидентираме сите деца од трите општини. Не може да се направи дисктинкција само за Прилеп. Причина за тоа е евиденцијата само по родените во градската болница, која ги покрива и Долнени и Кривогаштани со околните села. Друг извор се месните канцеларии во поголемите села. Но, и тие се по старата територијална поделба. Освен со попис, не може да се даде дефинитивна бројка на родени, умрени и венчани само за градов. Ниту Заводот за статистика нема ажурирани податоци – објаснува Бранко Јорданоски, овластен советник во подрачната канцеларија на управата за вадење на матични книги.

Основите за евиденција се родените во Прилеп, тие што врз основа на брак имаат право на македонско државјанство и родените во странство со родители со потекло од Прилеп. Сепак од родените 1013 деца само 60 отсто се со македонска националност, а од националностите кои не се мнозинство се 40 проценти.

ПОМАЛКУ “ФАНТОМИ”

На последното советување на Управата и министерството за труд и социјална политика, Прилеп е пофален за град каде се “елиминирани” лицата – фантоми, односно лица без документи. Со НВО секторот, преку ДНК анализа, запишани се кај родените 21 лице. Нема прогнози за останатите лица без идентификациски документи. Никој не го знае бројот на неевидентирани родени. Сепак фрапантен е податокот што има луѓе без лични документи на пет, па и 30 години.  

Loading