БЕСПЛАТНИ И АНОНИМНИ ТЕСТОВИ ЗА СИДА

ПРВИ ДЕКЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ СИДАТА

Светскиот ден за борба против СИДАТА се одбележува на 1 Декември секоја година и е можност низ разни активности светот да се потсети на овој глобален проблем. Иако се направени големи научни достигнувања во лекувањето на СИДАТА и се донесени закони за заштита на правата на лицата инфицирани со ХИВ вирусот, многу луѓе не знаат како да се заштитат себе си и другите, а стигмата и дискриминацијата остануваат реалност за заразените со ХИВ.

Да порасне интересот за советување и тестирање на ХИВ, првпат годинава, во последната недела од ноември се организира Европска недела на тестирање. Македонија се вклучи на оваа иницијатива со организирање на бројни активности кои го промовираат советувањето и тестирањето на ХИВ. Во Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и 10-те Центри за јавно здравје советувањата и тестирањата на ХИВ се анонимни и бесплатни целата година.

Советувалиштето за ХИВ/СИДА во Центарот за јавно здравје од Прилеп е основано во 2008 година. Основни начела се доброволност, анонимност и доверливост. Покрај индивидуално информирање и советување (за начинот на пренесување на ХИВ, проценка на ризик, начинот на спроведување на тестирањето), се делат брошури и кондоми, се врши тестирање на ХИВ, хепатитис Б и Ц .

По повод одбележувањето на 1 Декември, Центарот за јавно здравје во соработка со Црвениот крст и други НВО, неделава ја интензивира промоцијата за поголема достапност, преку организирање на предавања во училиштата, улични активности низ градот, на кои граѓаните ќе можат да добијат совети и бесплатни кондоми, а во Центарот за јавно здравје ќе можат бесплатно да се тестираат. В сабота 30.11. ќе се организира трибина во соработка со РОМА СОС.

Главна цел е информирање на населението за важноста од благовремено откривање на ХИВ инфекцијата, охрабрување на оние кои можеби биле изложени на ризик од заразување што побргу да се тестираат, бидејќи само раното отпочнување на лекувањето, овозможува квалитетен и долг живот, како и заштита на другите и спречување на пренесувањето на ХИВ од мајка на дете. Значителен број лица со ХИВ се тестираат во напредната фаза на инфекцијата. Тоа ја намалува успешната контрола на ХИВ инфекцијата, односно шансите за долг и квалитетен живот.

Подигнувањето на свеста е една од најсилните алатки со кои располагаме сите, и како поединци и како институции, во борбата против болеста која одзеде милиони човечки животи.

Со ХИВ вирусот во светот се заразени 35 милиони луѓето. Новоинфицирани годинава се околу 2,3 милиони. Досега од СИДА починале повеќе од 25 милиони луѓе,  што ја прави оваа пандемија една од најдеструктивните во историјата.

Во Македонија од 1987 година заразени со ХИВ вирусот се 193, а новооткриени  случаи во 2013 година се 19, од кои 14 се ХИВ позитивни, а 5 се болни. Со СИДА на оној свет отишле 72 лица. Македонија спаѓа во земјите со ниска преваленца. Потребно е максимално ангажирање да се одржи ова ниво и да се спречи појава на можна епидемија.

Од 2,3 милиони луѓе заразени со ХИВ вирусот во Европа се околу 30-50 отсто, а кои воопшто не се свесни дека се ХИВ позитивни, а 50% од ХИВ позитивните доцна се откриваат и доцна почнуваат лекување.           

Loading