МАКА ОД ПОРТАРСКИ КАМЕЊА НИЗ СОКАЧИЊА

Не така одамна се негувал адетот, на голем камен поставен пред куќите, домаќинките да седат и да “скршат” два-три збора, додека чекаат да стигне ручекот. На топло време каменот им служел како “прозорец кон градот”. Телевизија немало, па поинтересни биле темите кој поминал, зашто поминал, со кого бил, каде кинисал… Едноставно каменот пред порта бил место за меркање на минувачите и инспирација за муабет, односно озборување, интриганство и создавање на инсинуации, се разбира од морален аспект.

И тогаш, и сега постарите, летно време си седат и ја продолжуваат традицијата. Меѓутоа во поново време се јавува проблем. Тесните сокачиња, во центарот, имаат камени  клупи, кои ги спречуваат возачите да ја “фатат” кривината како што треба. Камените столчиња служат како помошници на “легнатите полицајци”, при контролата на брзината на возилата. Така лесно може да се стори беља низ тесните сокачиња.Може автомобилот да настрада или не дај Боже да се поттурни некој од минувачите, кои, во отсуство на тротоари, ја користат улицата.        

Loading