ДРЖАВАТА ЌЕ ГО СТАБИЛИЗИРА КАНТАРОТ

Започна предвремениот откуп на тутунот од годинешната берба

Неколку откупни фирми веќе ги отворија пунктовите за предвремениот откуп на тутунот од годинешната берба. Зјаат празни пунктовите на Алијанса Уан и Сокотаб. По поставувањето на балите на кантарот, според тутунарите, проценките се за една до две класи подолу. Производителите изразуваат негодување и го враќаат родот дома, револтирани од изневерените очекувања. Не се остваруваат прогнозите дека родот годинава во просек се откупува по околу 200 денари од килограм, барем во овој дел од кампањата. Сепак, рано е да се индицира како ќе тече откупот. Вообичаено е тутунската вага да се стабилизира после Божикните празници, кога се интензивира откупот.

Претседателот на Здружението на тутунарите Данчо Милески неодамна изјави дека откупувачите ќе бараат околу 35 илјади тони од земјава. Тој процени дека тутунарите годинава ќе понудат само околу 30 илјади тони. Со логиката на економијата, есапеше дека кога побарувачката е помала од потребите, ќе пораснат цените на тутунот. Од другата страна, првиот човек на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев, рече дека би бил среќен да се остварат типувањата на лидерот на тутунарите, зашто неговите сознанија се спротивни. Тој посочи аргументи дека пораснало производството на ориентални сорти на тутуни во Турција, Грција и Бугарија.

– Најсреќен ќе бидам ако моите сознанија не се точни. Мислам дека претстои тежок откуп – рече Дерменџиев.

Потврда дека претстои неизвесност е и раниот, октомврискиот откуп. Наместо тутунарите да ги тријат рацете, им се понудија понижувачки цени, далечни од најавуваните. Тоа ги подгреа сомнежите и предизвика огорченост. Се враќаа дома малите количества тутун, пакувани во картони во октомри и се чекаат понуди со блиски цени до реалноста на вложениот труд и на производствените трошоци. Токму затоа, наместо околу шест илјади тони во октомври, откупувачите од земјава презедоа само околу 2,4 илјади тони.

Додека тутунарите го пеглаат родот и го подготвуваат за на кантар, се ставија пробни количества на проценка во предвремениот откуп кај некои фирми од 15 ноември. Кампањата за прибирање на родот покажува слабости и тенденција на незадоволства. Државата е на потег да ја смири напнатата атмосфера на релацијата – тутунари и откупувачи. Како ќе се изведе операцијата на компромис е прашање што се бара додека тутунарите негодуваат, оти им се измешаа сметките.          Како и да е, нужно е да се најде соломонско решение, со кое ниту откупувачите нема да бидат во загуба, ниту тутунарите нема да прокнижат зијан. Зашто и едните и другите имаат свои факти. Откупувачите ќе одговараат со падот на цената на тутунот на светските пазари, а тутунарите со растот на цените на репроматеријалите и со ниската цената на трудот. Доколку за брзо време не седнат на заедничка маса тутунарите и откупувачите со посредство на државата, ќе заминат повода повеќегодишните напори за зголемување на производството. Но, најтешко од сé е ако се разниша или ако исчезне довербата меѓу партнерите – кооперантите и откупувачите. Сепак нема дилеми дека држвата ќе стави рака на чувствителното прашање, кое неколку години не предизвикуваше вознемиреност. Особено со субвенциите од едно евро по килограм, кои, и годинава, ќе им бидат исплатени на тутунарите.

Инаку, над 15 илјади семејства во Пелагонија, произведоа над 20 илјади тони тутун лани. Тутунскиот комбинат ќе прифати околу три илјади тони од четири илјади кооперанти.

Loading